Македонија

Најавена јавна расправа за четири закони за дигитализација на државните служби и услугите кон граѓаните

– Со овие реформи, граѓаните ќе можат од својот дом да симнат и испечатат документи кои ќе имаат правна важност еднаква како оние издадени на шалтер, документи кои ќе содржат QR-код како безбедносен елемент и доказ за автентичност, рече Јаревски на прес-конференција во Собранието.

Најавена јавна расправа за четири закони за дигитализација на државните служби и услугите кон граѓаните

На седница на собраниската Комисија за транспорт и дигитална трансформација ќе се договори јавна расправа за Предлог законот за електронски комуникации, Предлог законот за безбедност на мрежи и информациски системи, Предлог законот за архивски материјал, како и Предлог законот за електронски документи и електронска идентификација, откако вчера го поминаа првиот собраниски филтер во матичната комисија, најави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Тони Јаревски.

Според Јаревски, четирите закони се однесуваат на дигитализација на државните служби и услугите кон граѓаните, а со нивното усвојување Собранието дало зелено светло Владата да ја направи најтемелната трансформација на начинот на кој комуницираат граѓаните и државните органи.

– Со овие реформи, граѓаните ќе можат од својот дом да симнат и испечатат документи кои ќе имаат правна важност еднаква како оние издадени на шалтер, документи кои ќе содржат QR-код како безбедносен елемент и доказ за автентичност, рече Јаревски на прес-конференција во Собранието.

Тој информираше дека се воспоставува и целосен инспекциски надзор над дигиталните услуги, со јасно утврдени 22 задолженија на инспекторите кои ќе дејствуваат под капата на новото Министерство за дигитална трансформација.

Предвидените глоби за институциите што нема да ги прифатат дигиталните документи, нагласи Јаревски, се јасен сигнал дека дигиталната реформа не е опција, туку обврска.

– Поради важноста на овие реформи, да бидат спроведени на квалитетен и транспарентен начин, на следната седница на Комисијата за транспорт и дигитална трансформација ќе договориме и јавна расправа за овие закони. Се со цел, во овој сериозен државен зафат да ја вклучиме експертската и стручната јавност, како и да ги интегрираме нивните предлози и сугестии. ВМРО-ДПМНЕ ја создава инфраструктурата на иднината, а со тоа забрзано ја движиме државата кон модернизација и зголемена доверба во институциите, рече Јаревски.

Со овие закони, како што рече, се создаваат институции кои служат на народот, односно државни органи кои ќе ја штедат најскапата валута на денешницата – времето на граѓаните.

– Го стеснуваме просторот за корупција, а го зголемуваме пристапот до услуги и создаваме систем што не зависи од расположението на шалтерот, туку од квалитетот на технологијата.

Најнови вести од Македонија

To top