Македонија

На пожарот во НП „Маврово“ близу селото Врбен почна да се делува со хеликоптер

На пожарот во НП „Маврово“ близу селото Врбен почна да се делува со хеликоптер

Пожарот кој вчера претпладне се појави во на територијата на Националниот парк „Маврово“ во атарот на селото Врбен и натаму е активен. Неговото ширење од утрово има северо североисточен правец и засега нема опасноста по имотите и куќите, информираат од НП Маврово.

Огнот покрај смреки и други грмушести растенија зафати и дел од еловата шума со што го се зголемува и неговиот интензитет.

– Штотуку добивме информација дека во гаснењето ќе се вклучат и хеликоптери за да барем се локализира состојбата на Врбенска планина. Единствена среќна околност е што линијата на ширењето на пожарот води надвор од населеното место. Наши екипи здружени со полициски сили и мештаните се на терен и се обидуваат да стабилизираат состојбата, вели Самир Ајдини директор на НП „Маврово“

Првиот човек на ЦУК, Стојанче Ангелов напомена дека покрај воздушната поддршка во гаснењето се користи и тактика со градежни машини од земја во близина на селото Врбен.

– За да спречиме ширење на овој голем шумски пожар кон Шар Планина синоќа околу 21.30 часот од компанијата „Бехтел и Енка“, побарав во текот на ноќта на критичната локација да донесат еден голем булдожер за изработка на широк противпожарен појас, вели Ангелов.

Тој информираше дека покрај булдожерот кој дејствува над селото, од долната страна селото го бранат 20-тина ренџери од Националниот парк Маврово, 24 специјалци од полициската САЕ Тигар, со поддршка на локално население. Од воздух помага големиот полициски хеликоптер Ми 171 а набргу ќе му се придружи и словенечкиот хеликоптер.

Според Стојанче Ангелов соработката во вакви околности е важна и како што рече во благодарноста до „Бехтел Енка“ бидејќи нивниот моќен булдожер замени повеќе од 30 пожарникари или најмалку еден хеликоптер. Тој упати и повик до сите компании кои можат да помогнат во борбата со огнената стихија да се јават во Центарот за управување со кризи.

– Ги охрабрувам сите авторитети кои командуваат со гаснењето на шумските пожари да користат земјоделска механизација или уште подобро тешка градежна механизација секаде каде што тоа го дозволува теренот. Доколку немаат нивни ресурси слободно нека побараат поддршка од Главниот штаб за управување со кризи кој го предводам јас како директор на ЦУК, изјави Ангелов.

To top