На граничниот премин „Џепиште“, што е втор премин на македонско – албанската граница, кај Дебар, минатата година забележан е благ пад на фреквенцијата на патници.
-Во текот на 2025 година се регистрирани 47.023 патници, од нив на влез во нашата земја се 23 765, додека на излез 23 258 патници. Претходната, 2024 година, на влез се регистрирани 25 753 додека на излез 25 328 или вкупно 51 081 патници. Овој премин е од локален карактер, што подразбира дека право да го користат имаат само жителите од граничниот регион, на двете држави, рече за МИА Стефан Димоски, портпарол на Секторот за внатрешни работи-Охрид.
Бидејќи е од локален карактер тој во летниот период, односно од први април до 31 октомври, работи од 8 до 20 часот, додека од 1 ноември до 31 март, од 8 до 18 часот.
Преку преминот може да минуват жителите од подрачјето на општина Дебар и од областа Голо Брдо, од албанска страна.
-Поради близината на Дебар и подобрата патна инфраструктура, жителите од нашата област патуваат во Дебар за набавка на прехранбени и други производи, гориво, за добивање одредена здравствена услуга, но и потребни лекарства. Поради роднинска поврзаност главно со жителите на Џепиште и Отишани, како и жителите од овие две села, одат во посета на роднини, рече за МИА, Или Халилај од село Требиште.
Намалената фреквенција, според него, но и други жители од областа, се должи на миграцијата, на, пред сè младата популација, која за подобра егзистенција заминуваат во странство, па тука остануваат се помал број жители.
Според Халилај, ако до падот на тоталитарниот режим Голо Брдо имаше 35 илјади жители, сега нивниот број е околу 10 илјади, а можеби и помалку. Голем број семејства се во странство, а дел се иселија во Тирана, Елбасан, Драч. (МИА)