Прегласувањето на седумте избирачки места во петтата и шестата изборна единица ќе се одржи на 22 мај соопшти вчера на седница Државната изборна комисија по одлуките на Управниот суд кој ги одби како неосновани сите седум тужби од коалицијата „Европски фронт“ против решенијата на ДИК. Поради ваквата одлука на Управниот суд и на ДИК, вчера на итна седница заседаваше претседателството на ДУИ, по чие завршување само кусо беше соопштено дека ставот по ова прашање партијата ќе го гради со коалициските партнери. Пред одржување на седницата претседателот на ДУИ Али Ахмети истакна дека се прави изборен инженеринг со цел на партијата да и се одземат две освоени пратенички места.
ДИК вчера на 105. седница, едногласно го усвои предлогот да се повтори гласањето во Изборната единица (ИЕ) 5 на избирачките места 1470/1 и 1470 во Општина Долнени, 1194 и 1202 во Општина Крушево, 1844 во Општина Струга и 1272 во Општина Охрид, како и во ИЕ 6 на избирачкото место 2101 во Општина Желино. Гласањето ќе се одржи идната среда, на 22 мај 2024 година.
ДИК на седницата ги разреши и претседателите на избирачките одбори, членовите и нивните заменици во избирачките места 1470/1 и 1470 во Општина Долнени, 1194 и 1202 во Општина Крушево, 1844 во Општина Струга, 1272 во Општина Охрид и 2101 во Општина Желино.
Со оглед дека се кратки роковите за избор на нови избирачки одбори, за да биде регуларно прегласувањето, општинските изборни комисии (ОИК) ќе треба да ангажираат некои од веќе постојните избирачки одбори, или од најблиските избирачки места или некои други, и за тоа ќе треба да достават известување до ДИК.
Кампањата за повторното гласање ќе трае до понеделник, 20 мај, 00.00 часот. Притоа, ќе важат истите листи за болни и немоќни лица, ќе нема можност да се пријавуваат нови.
Според ДИК, има можност за измени и предлози за овластени претставници на кандидати. Тоа важи и за членовите на избирачките одбори кои се предложени од политичките партии.
Членот на Комисијата, Борис Кондарко го искажа ставот на ДИК во врска со синоќешните одлуки на Управниот суд. ДИК, рече Кондарко, го потврдила своето професинално однесување и работење, докажала дека независно од изборните резулти, целосно ги почитува и правилно ги применува сите законските процедури.
Претходно, Управниот суд во законски предвидениот рок ги одби како неосновани сите седум тужби од коалицијата „Европски фронт“ против решенијата на Државната изборна комисија (ДИК) за прегласување на парламентарните избори 2024. Со одлуките на Управниот суд се потврдија решенијата на ДИК за прегласување во шест избирачки места во петтата изборна единица и едно во шестата изборна единица.
Државната изборна комисија (ДИК) вчера ги соопшти освоените мандати за пратеници во новиот парламентарен состав по изборите одржани на 8 мај годинава. Како што информира претседателот на ДИК, Александар Даштевски, за изборните единици 5 и 6 каде на одредени избирачки места ќе треба да се прегласува, резултатите се добиени со симулација и посебна техника врз основа на Донтов модел и со нив се опфатени пратениците кои сигурно ќе влезат во Собранието. По прегласувањето, ДИК со посебен заклучок ќе ги објави дополнителниот број освоени мандати.
По одлуките на Управниот суд, пред почетокот на состанокот на партијата претседателот на ДУИ, Али Ахмети најави дека средбата на претседателството е со цел носење одлука, а по повод резултатите од седум изборни места од 8 мај, за кои треба да има прегласување.
– Оваа ситуација не доведе до состојба да повикаме ургентен состанок на претседателството, по кој ќе следат и средби со експерти, за оваа неправда која е направена на Фронтот. Овој момент доаѓа по анализа на одлуките на ВМРО и СДСМ за повторување на изборите на овие изборни места, со цел да се спојат за Европскиот фронт да не биде втора сила во земјата. Ова е направено од двете најголеми партии од македонска националност, кои за жал политики се плашиме дека ќе имаат влијание и на меѓуетничките односи кои ние не ги посакуваме, изјави Ахмети.
Според претседателот на ДУИ прегласувањето има ризична позадина.
-Ние ќе правиме анализа. Исто така ова повторување што ќе се прави, се прави со една ризична позадина ние Албанците да се убиеме, како што се случи на едно изборно место во Општина Желино, тоа не го посакуваме, ниту пак ќе се случи. Ако некој има стратегија да пукаме ние Албанците меѓу себе, нема да се реализира, рече Ахмети.
По завршувањето на состанокот на претседателството на Демократска унија за интеграција (ДУИ) во нивното седиште во тетовска Мала Речица, пак, беше најавено дека ставот во врска со прегласувањето на седум избирачки места за параламентарните избори ќе биде изграден заедно со сите партии од Европскиот фронт. Портпаролот Арбр Адеми најави дека ќе имаат други состаноци со сите партнери во рамки на Европскиот фронт.
-Денеска ги разгледувавме сите политички случувања, особено внимание предизвика изборниот инженеринг. И пред да се поднесуваат приговорите ние ја известивме јавноста бидејќи имавме информации од прва рака во што се состои политичкиот „дил“. Ги известивме сите граѓани, нашите партнери, тоа се потврди со конкретни дела и во Државната изборна комисија, но и во Управниот суд. За натамошните чекори претседателот Ахмети ќе има координативни средби со сите политички партии кои го сочинуваат Европскиот фронт, изјави Адеми додавајќи дека нема што повеќе да додаде освен тоа што Ахмети веќе го споделил со јавноста пред почетокот на состанокот.