Откако Министерството за правда попладнево потврди дека дозволена е екстрадиција на Љупчо Палевски Палчо во Македонија, се огласија и од Министерството за внатрешни работи.
-Секторот за меѓународна полициска соработка при МВР е известен дека се завршени потребните процедури во врска со овој случај и во координација со турската полиција се преземаат мерки за организација на преземањето на лицето и негова екстрадиција во Република Северна Македонија, истакнуваат од МВР за Курир.
И од Јавното обвинителство информираа дека се известени за одобрената екстрадиција.
-Постапката за екстрадиција ќе биде спроведена преку Министерството за внатрешни работи. По предлог на Основното јавно обвинителство Скопје на осомничениот веќе му е определена мерка притвор која треба да започне да се применува веднаш по неговото испорачување, истакнаа од ЈО.
Палевски е во екстрадициски притвор во Турција, каде беше приведен од тамошните власти по распишана потерница.
Кога ќе биде донесен во земјава, Палевски ќе биде спроведен во казнено поправна установа, согласно решение на суд и понатаму тече постапката пред правосудните органи.
Тој е првоосомничен за убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски, односно за две кривични дела „грабнување“ и две кривични дела “убиство на свиреп начин“.
За убиствата се осомничени уште 4 лица меѓу кои и таткото на убиената Вања, кој минатата недела беше пуштен во домашен притвор.