Во Центарот за обука во Идризово денеска со поддршка на ОБСЕ и Германија е отворен мултимедијален тренинг центар.
Центарот е резултат на заедничката соработка помеѓу мисијата на ОБСЕ во Скопје и МВР и претставува вистински чекор напред во модернизацијата на обуката и создавањето на услови за подобрување на вештините и знаењата на сите припадници на Mинистерството за внатрешни работи преку интегрирање на иновативни хибридни и мултимедијални алатки за учење.
Министерот Панче Тошковски објави дека проектот во вредност од околу 350.000 евра се имплементира низ повеќефазен пристап, со цел да се создаде одржлив хибриден образовен систем во МВР, во рамки на кој дваесет и три хибридни обучувачи, избрани преку постапка заснована на заслуги, поминаа низ програма за хибридни обуки од 10 модули, учејќи како да користат современи алатки за создавање и испорачување на обуки онлајн, на лице место и комбинирано.

Девет теми односно обуки беа воспоставени како најпотребни и, оттогаш, хибридните обучувачи континуирано работат во тимови за да создадат сеопфатни, интерактивни обуки за секоја тема како што се: полициски интегритет, подово сензитивно полициско работење, гранично полициско работење, управување со стрес, полициско работење во заедницата, освежување на вештините за обучувачи, комуникациски вештини и финализирање на активностите преку основањето на мултимедијалниот центар.
Директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев вели дека инвестирањето во образованието е клучниот сегмент за постигнување на успех и трасирање на пат кој ќе отвори повеќе можности за развој и напредок во иднина.

-Со поддршка на ОБСЕ и Германија, денеска е отворен нов мултимедијален тренинг центар кој ќе нуди хибридни и мултимедијални алатки за учење, а во него ќе има и катче за дружење кое верувам значително ќе ја зголеми ефективноста на обуките на среден и долг рок. Голема благодарност за константната поддршка на ОБСЕ и за овој проект, кој е значаен потег за развојот и напредокот во образованието и обуките на кадрите во МВР, вели Јанев.

Директорот на БЈБ, посочува дека продолжуваат посветено да работат на создавање услови за професионален континуиран развој на сите вработени со цел подобрување на вештините и знаењата, што несомнено ќе придонесе за безбедноста на земјата и сите граѓани.
Шефот на мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Килијан Вал подвлече дека овој центар е дизајниран за развој и реализација на ефективни, мултидисциплинарни програми и обуки со користење на виртуелни алактки.
-Со поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Република Северна Македонија повторно предничи во намерите за унапредување на полициските обуки. Горд сум на ова што го постигнавме заедно и се надевам на продолжување на плодно партнерство и во иднина“, рече амбасадорот Килијан Вал, шефот на мисијара на ОБСЕ во Скопје, потенцираше амбасадорот Вал.