Македонија Мешовит парламентарен комитет Македонија – ЕУ

Муцунски во Стразбур: Македонија останува цврсто посветена на европската интеграција

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, попладнево учествуваше и се обрати на 24-тиот состанок на Мешовитиот парламентарен комитет Македонија – Европска унија, што се одржа на 26 и 27 ноември 2025 година во Стразбур.

Муцунски во Стразбур: Македонија останува цврсто посветена на европската интеграција

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, попладнево учествуваше и се обрати на 24-тиот состанок на Мешовитиот парламентарен комитет Македонија – Европска унија, што се одржа на 26 и 27 ноември 2025 година во Стразбур.

Во своето обраќање, министерот Муцунски истакна дека Стразбур, како дом на европската демократија, претставува силен потсетник на европските вредности кон кои нашата држава е посветена веќе две децении. Тој потсети дека оваа година се навршуваат 20 години од добивањето на кандидатскиот статус, период во кој земјата спроведе значајни реформи и покажа конзистентна определба за европската интеграција.

Муцунски нагласи дека македонските граѓани остануваат силно проевропски ориентирани, но дека е неопходно процесот на проширување да биде предвидлив и меритократски за да се спречи појавата на евро-песимизам. Во таа насока, тој истакна дека државата е 100% усогласена со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, активно поддржувајќи ја Украина и придонесувајќи кон зајакнување на европската безбедност како директен партнер и НАТО-сојузник.

Министерот се осврна и на реформските процеси поврзани со Планот за раст и Реформската агенда 2024–2027, нагласувајќи дека реформите се насочени кон економски развој, задржување на младите и привлекување инвестиции. Тој подвлече дека државата веќе докажува дека може да придонесува кон стабилноста на регионот и на Унијата, меѓу другото и преку првото партнерство во безбедноста и одбраната со ЕУ во рамките на Западен Балкан.

Во делот на билатералните прашања, Муцунски посочи дека продолжената блокада од страна на Бугарија не ја штети само државата, туку ја намалува довербата во процесот на проширување и ги ослабува стратешките интереси на регионот. Тој нагласи дека успехот на европската интеграција лежи во конкретни проекти, економска и енергетска поврзаност, а не во отворање теми поврзани со идентитетот, јазикот и националниот наратив. Повтори дека македонскиот јазик, идентитет и достоинството на граѓаните не се и не можат да бидат предмет на преговарање.

Муцунски потенцираше дека државата останува конструктивен партнер во регионот, посветена на добрососедските односи, исполнувањето на меѓународните обврски и унапредувањето на соработката со сите соседи каде што тоа носи конкретни придобивки за граѓаните.

На крајот од обраќањето, министерот изрази благодарност до Европскиот парламент за доследната поддршка на европската перспектива на државата и порача дека македонските граѓани остануваат цврсто проевропски. Тој повика на партнерство засновано на јасни, предвидливи и фер критериуми, со уверување дека заеднички може да се претвори евентуалниот евро-песимизам во обновен европски оптимизам.

To top