Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска остварил средба со претставници на Стопанската комора на Македонија, предводени од претседателот Бранко Азески.
На средбата биле разгледани иницијативите и конкретните форми на поддршка за извозно ориентираните компании, вклучително и организацијата на тематски посети со активно учество на деловната заедница, унапредување на комуникацијата со дипломатско-конзуларните претставништва, како и промоција на извозните капацитети на домашните компании пред дипломатскиот кор во државата.
Муцунски нагласил дека целта на овие средби е директно да се слушнат ставовите и размислувањата на коморите, како и да се добијат конкретни иницијативи за поддршка на компаниите, зајакнување на економската дипломатија и унапредување на извозот, што директно придонесува кон зајакнување на економијата и забрзување на економскиот развој.
Министерството за надворешни работи соопшти дека биле потврдени одличната досегашна соработка и изразеното заемно задоволство од постигнатите резултати, при што се разговарало и за нејзино натамошно продлабочување, со цел обезбедување конкретни придобивки за компаниите и позитивно влијание врз вкупниот економски развој на државата.
– Нагласувајќи ја важноста на дипломатско-конзуларните претставништва и на дипломатската мрежа во целост, претседателот на Стопанската комора истакна дека иницијативите за зајакнување на економската дипломатија доаѓаат во вистински момент, во насока на поддршка на стопанството и економското закрепнување – соопшти Министерството за надворешни работи.
На средбата биле разгледани и конкретни иницијативи и настани планирани за наредниот период, како можности за понатамошна соработка меѓу Министерството за надворешни работи и надворешна трговија и Стопанската комора.