Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска беше домаќин на министерот за трговија на Република Турција, Омер Болат.
На средбата, двајцата министри истакнаа дека посетата претставува уште една потврда за пријателските и добри односи меѓу двете земји. Тие ја потенцираа подготвеноста за натамошно продлабочување на севкупниот дијалог во функција на унапредување на билатералната соработка во областите од заеднички интерес.
Во фокусот на нивниот разговор беше искористувањето на потенцијалите за интензивирање на економската соработка, како на државно ниво, така и меѓу бизнис заедниците. Воедно, стана збор и за важноста од ажурирање на сегашниот Договор за слободна трговија преку проширување на неговата содржина, вклучувајќи повеќе земјоделски производи, како и потребата од забрзување на техничките разговори за оваа цел.
Во рамки на посетата се одржа и Бизнис Форум, на кој министрите ја истакнаа подготвеноста за целосна поддршка на бизнис секторот и ги охрабрија да соработуваат поинтензивно во насока на унапредување на трговската и инвестициската соработка.
За време на посетата, турскиот министер Болат оствари и средба со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, на која присуствуваше и министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски. На средбата беа разгледани можностите за билатерална трговија и инвестиции со цел да се утврдат нови области за заедничка соработка.