Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски денеска порача дека не може да зборува за случувањата во Алијанса. Вели дека не ја знае кадровската комисија на партијата за предложените нови имиња на министри и истакна дека досега комуницирал само со лидерот Арбен Таравари.
-Пред два дена зборував со него и секогаш сум имал официјална комуникација, кажа поранешниот премиер при посетата на компанијата Лапласт-М, за тоа кого признава како легитимен – дали Алијанса на Албанците на Зијадин Села или Алијанса на Албанците на Таравари.
-За тоа како ќе гласа пратеничката група на СДСМ, ќе гласа во согласност со тоа што ќе дојде од Владата и врз основа на ставот на пратениците на Алијанса, додаде Ковачевски во однос на тоа како ќе гласаат неговите пратеници доколку дојде до смена на министрите Фатмир Меџити и Азир Алиу.
Околу последните предизборни анкети објавени на МРТВ, Ковачевски кажа дека се анкети преземени од институт кој е близок до опозициската ВМРО-ДПМНЕ и дека тоа објаснува само како изгледаа медиумите до 2016 година.
-МТВ само не потсетува како изгледаа медиумите до 2016 година. Ова прашање може треба да го поставите и до господинот Гир, американската амбасадорка, холандскиот амбасадор бидејќи тие многу често говорат за слободата на медиумите, демократијата и начинот на известувањето, кажа бившиот премиер.