Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски денеска од Штип најави дека се можни промени, односно законски измени со кои се регулира работата на инфлуенсерите, а за што Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) има донесено и Правилник.
-Постои правилник донесен врз основа на измените на Законот од 2023 година, кој стапи во сила пред некој месец, со којшто се бара задолжителна регистрација на инфлуенсерите, ги слушнав и коментарите на новото Здружение на инфлуенсери, и мислам дека вреди да се дискутира за овие прашања. Да најавам дека можни се и промени, затоа што не сметаме дека треба ригидно да бараме од креаторите на содржини да се однесуваат исто како и платформите за споделување на тие содржини, односно да бараме толку високи критериуми, од страна на физички лица кои повремено или постојано се занимаваат со оваа работа-изјави Андоновски.
Тој додаде дека инфлуенсерите ги споредува со колумнисти и какошто рече ако не се бараат високи критериуми за регистрација и еден ригиден пристап кон креаторите на содржина во традиционалните медиуми, не гледа зошто би требало да има и толку ригиден пристап кон оваа група на луѓе.
Министерот Андовски истакна и дека неформалниот водич кој беше донесен, создал дополнителни недоразбирања.
-Беше донесен и еден неформален документ наречен водич, кој донесе дополнителна забуна затоа што станува збор за неформален документ којшто нема правна важност, а се сфати или се презентираше дека е задолжителен за употреба за оваа група на креатори на јавното мислење. Тоа создаде дополнително недоразбирање помеѓу едната и другата страна-рече Андоновски.
Министерот за дигитална трансформација Андоновски денеска од Штип најави средба со Здружението на инфлуенсери за следната недела, на која ќе се дискутираат сите отворени прашања. (МИА)