Премиерот Христијан Мицкоски денеска од Тетово порача дека Владата ќе продолжи да инвестира во образованието и инфраструктурата, нагласувајќи дека конкретните резултати се најважниот показател за успешноста на политиките.
На отворањето на целосно реконструираниот Регионален центар за средно стручно образование „Моша Пијаде“, Мицкоски истакна дека проектот, вреден околу 5 милиони евра, е реализиран во соработка со Европската Унија и претставува значајна инвестиција во иднината на младите.
„Јас немам што да додадам повеќе од тоа што го кажаа и градоначалникот, амбасадорот на Европската Унија и министерката за образование, освен да се заблагодарам на сите вклучени во овој проект. Навистина делува импресивно“, изјави премиерот.
Тој упати порака до учениците кои ќе се образуваат во центарот да го искористат потенцијалот што им се нуди.
„Сакам да им порачам на оние коишто ќе го стекнуваат своето знаење тука да напредуваат, бидејќи тие се генерациите на коишто ќе се потпира оваа држава“, рече Мицкоски.
Премиерот потенцираше дека Владата ќе продолжи со поддршка на вакви проекти, со цел тие да станат секојдневие.
Во своето обраќање, тој посочи дека за кратко време ова е второ реконструирано средно училиште во Тетово, а најави и изградба на уште две нови училишта во соработка со Општина Тетово.
„Инвестираме и во булевари, инвестираме во улици, инвестираме во друг тип на проекти. И ќе продолжиме да инвестираме во проекти во Општина Тетово“, додаде тој.
На крајот, Мицкоски ја истакна важноста на делата пред зборовите.
„Луѓето ги паметат по нивните дела. Зборот понекогаш знае да боли, но доколку е небитен, брзо се заборава, а делата остануваат вечни и тие се паметат“, нагласи премиерот.
Тој порача дека токму преку реализираните проекти Владата има за цел да остави траен белег.
„Јас би сакал да останеме запаметени по делата, а овие дела не можеме да ги игнорираме колку и да сакаме“, заклучи Мицкоски.