Во Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ – Скопје денеска се одржа свечена заклетва на 29-та класа питомци и слушатели од Курсот за офицери и штабни службеници.
Заклетва положија вкупно 59 кандидати – 31 питомец и 28 слушатели. Дополнително, дел од Академијата ќе бидат и пет питомци од Босна и Херцеговина и двајца од Црна Гора.
Mинистерот за одбрана Владо Мисајловски порача дека исполнети се очекувањата и ентузијазмот.
-Овој ден кога ја давате свечената заклетва ќе остане секогаш врежан во вашите сеќавања. Затоа што полагањето на заклетва е ветување кон државата, кон вашите најблиски и најважно – ветување пред самите себе. Униформата која што денеска со гордост ја носите секогаш нека ве потсетува на одговорноста и вредностите кои ги браните. Од денеска вие припаѓате на едно големо армиско семејство каде интегритетот и лојалноста кон татковината се вредности кои се пренесуваат од генерација на генерација и секогаш се силни и инспиративни, рече Мисајловски.
Додаде дека Академијата е симбол на извонредност – високо образовна институција која повеќе од 30 години, како што рече „создава лидери, кои со знаење и патриотизам ја носат одговорноста за безбедноста и стабилноста на нашата држава“.
-Денеска тука на Воената Академија го одбележуваме почетокот на едно ново поглавје за сите вас – млади, мотивирани патриоти кои избравте да бидете дел од Армијата. Ви честитам затоа што се одзвавте на повикот кој значи чест, одговорност, дисциплина и посветеност во службата. Зголемените безбедносни предизвици и закани на регионално и глобално ниво ја нагласуваат потребата од секој еден од вас, кои ќе ја зацврстите нашата заедничка безбедност, рече тој.
На свеченоста присуствуваа и претседателката и врховен командант на Армијата, Гордана Силјановска – Давкова, деканот на Академијата полковник проф. д-р Ненад Танески, како и високи претставници од Армијата, дипломатскиот кор и роднини на питомците.
Претседателката Гордана Силјановска – Давкова во своето обраќање на свеченоста го истакна значењето на заклетвата и улогата на идните офицери.
-Вие, преку свечената заклетва влегувате во големото и сплотено армиско семејство, ветувајќи пред сите дека совесно, одговорно и бескомпромисно ќе ги браните македонските уставно гарантираните: самостојност и независност, сувереност и територијален интегритет! Знам дека и за вас, како и за мене, заклетвата не е само одбран збир на патриотски зборови, туку цврст израз на решеност, истрајност, одлучност и верност, истакна таа.
Додаде дека идните офицери стапуваат во редовите на Армијата во време на растечки безбедносни предизвици.
-Како идни офицери на македонската, но и на НАТО-армијата, од вас се очекува да почитувате и да практикувате највисоки професионални и морални стандарди во справувањето со сите видови закани: традиционални, асиметрични и хибридни, во различен простор: физички и сајбер. Но, не смеете да ги занемарите или да ги заборавите етичките и моралните вредности, ако сакате да останете луѓе и да бидете личности, порача таа.