Денеска заедно со началникот на Генералштабот на Армијата, генералот Лафчиски положивме венец со свежо цвеќе на спомен-обележјето во Катлановско Блаце каде пред 17 години во хеликоптерска несреќа трагично ги загубија своите животи единаесет припадници на македонската Армија враќајќи се од мировната мисија “АЛТЕА” во Босна и Херцеговина, објави на својата Фејсбук страница министерот за одбрана на Република Македонија Владо Мисајловски.
Оддаваме почит на нашите загинати припадници на Армијата и на нивните семејства.
Да го зачуваме споменот и да не го заборавиме нивното херојско дело, за мирот и безбедноста.
Во спомен на Тони Спасовски, Горан Ристовски, Бране Спасовски, Игор Ѓорески, Славчо Василев, Тони Давитковски, Јанко Шириќ, Александар Тасковски, Мики Ивановски, Александар Васиќ, Златко Вељаноски.
Нека им е вечна слава!, пишува Мисајловски во својата објава.
Мисајловски во изјава за медиумите рече дека вакви несреќи се случувале и во минатото, но дека најважно е жртвите никогаш да не бидат заборавени.
-За жал и во минатото се случиле вакви трагедии, секогаш може да се случат. Ова е веќе пред 17 години чинам, 2008 година се случи по враќање на нашите мировници од една мисија во Алтеа, во Босна и Херцеговина, каде што при враќање се случи тоа што се случи, за жал. Имаше во тој период и истрага, што не се докажа до крајот што се случило и експерти имаше инволвирано, но најважно е да оддадеме почит и никој од нив не биде заборавен. Бидејќи тие се македонски херои и сите луѓе што работат во Армијата и моментално, но и во минатото, треба да ги почитуваме. За жал се случуваат несреќи и еве сведоци сме по 17 години на еден ваков чин за жал, рече Владо Мисајловски, министерот за одбрана на Македонија.