Министерот за одбрана Владо Мисајловски објави дека денеска во штипската касарна “Јане Сандански” се одбележува заминувањето на околу 280 војници со формациска опрема, вооружување и возила, меѓу кои и новите лесни оклопни возила JLTV на воената вежба “Saber Junction” во сојузничка Германија.

-На македонските војници им порачав да бидат горди што ја носат армиската униформа и што ја претставуваат Македонија пред сојузниците. Убеден сум дека ќе покажат врвна професионалност и висок квалитет, додаде министерот.

Мисајловски потенцира дека за прв пат од постоењето на Армијата формација од ваков состав, зајакната чета со сите елементи на маневар, на борбена поддршка и на самоодржливост се испраќа на вежба, а сите финансиски средства се обезбедени од одбранбениот буџет.

Нашите војници ќе ја носат Македонија во срцето и ќе ја претставуваат пред сојузниците со достоинство. Да бидеме сите горди на нив, затоа што тие се нашиот штит и нашата сила, објави Мисајловски.