Македонија

Мисајловски: Граѓаните на Македонија заслужуваат да влезат во европското семејство

Тој нагласи дека се борат за македонските позиции на секое поле, но и за приоритетите на НАТО и важноста за демократијата.

Мисајловски: Граѓаните на Македонија заслужуваат да влезат во европското семејство

Министерот за одбрана Владо Мисајловски вели дека треба да покажеме дека се гордееме со нашата земја, дека сме горди Македонци. Во интервју за МРТ од Вашингтон каде се одржуваше НАТО Самитот, Мисајловски посочи дека најважно е што навистина имаме пријатели тука потенцирајќи дека Македонија многу одамна требала да биде членка на НАТО.

-Тука може навистина да се претставиме во едно убаво светло, а не со свиткана кичма. Да покажеме дека со многу напредок и работа ќе постигнеме многу повеќе. Ќе го пофалам тоа што го направи претходната влада со буџетот на одбраната, но сакам навистина да се користи во одбраната за да се подобрат условите пред се на македонската Армија, а не да биде фиктивен. Ќе продолжиме со зголемено темпо да ја модернизираме армијата. Тоа беше една и од клучните теми што ги разговаравме со американскиот секретар за одбрана, истакна Мисајловски.

Тој нагласи дека се борат за македонските позиции на секое поле, но и за приоритетите на НАТО и важноста за демократијата.

-Многу неправди кон Македонија сите овие години. За влезот во ЕУ повторно има пречка. И таа пречка ја нема никој освен Македонија, и тоа се двојни стандарди. На секој состанок се обидуваме тоа да го објасниме, дури и тука на НАТО Самитот. Разговараме со шефови на делегации да ни помогнат во начинот да ги поставиме нашите барања и да побараме гарации бидејќи граѓаните на Македонија заслужуваат да влезат во тоа семејство. Политички може, ако се сака. Ние ќе настојуваме како влада да се бориме за секој еден македонски интерес. Нема веќе свиткани кичми, гордо и исправено ќе се бориме, дециден е министерот за одбрана.

По однос на Самитот на НАТО рече дека се разговарало и за донациите кои и се даваат на Украина и како истите во иднина ќе продолжат да се одвиваат.

-Ние остануваме верен пријател и сојузник и на Украина, бидејќи навистина таа помош им е потребна. Ќе помагаме, но исто така ќе ја подобруваме и позицијата на нашата Армија. И нас ни треба опрема и модернизација. Помош ќе има, но пред се’ најважна да ни биде нашата држава, вели Мисајловски за МРТ.

НАТО Самитот во Вашингтон македонската делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски го искористи и за низа средби и работни состаноци со делегации од повеќе држави.

Најнови вести од Македонија

To top