Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, вчера и денес присуствуваше на Бледскиот стратешки форум кој се одржа во Република Словенија.
Во рамките на форумот, Муцунски учествуваше на панелот на тема: „Европа целосна и слободна: Возобновена заложба за европската безбедност“, каде што ја нагласи важноста на проширувањето на ЕУ како најуспешна надворешна политика на Унијата.
Тој истакна дека новата македонска влада е посветена на дејствување како кредибилен европски партнер и на спроведување реформски процеси што ќе ги приближат стандардите до оние на земјите-членки.
На маргините на форумот, Муцунски оствари одделна билатерална средба со министерката за надворешни и европски работи на Република Словенија, Тања Фајон. Двете страни разменија мислења за актуелните состојби во земјите и регионот, изразувајќи задоволство од одличните билатерални односи и успешната соработка, потврдена преку заемната помош и солидарност во изминатиот период.
Муцунски се заблагодари за досегашната силна поддршка на Словенија во евроинтегративниот процес, додека министерката Фајон потврди дека Словенија и понатаму ќе остане наш пријател и поддржувач на евроинтегративниот пат.
На покана од министерката Фајон, Муцунски присуствуваше на работен појадок посветен на прашањето на сукцесијата на поранешната СФРЈ. На појадокот учествуваа и останатите министри од наследничките земји, кои ја потврдија својата решеност да го продолжат процесот на сукцесија, планирајќи редовни состаноци на министерско и оперативно ниво.
Во рамките на форумот, Муцунски учествуваше и на работен состанок со министрите за надворешни работи и специјалните претставници за Западен Балкан, каде што се дискутираа актуелните состојби во регионот, со акцент на европските перспективи и напредокот во евроинтегративните процеси. Министрите едногласно се согласија дека проширувањето на Европската унија со земјите од Западен Балкан ќе придонесе за стабилноста и просперитетот на регионот.
На маргините на форумот, Муцунски оствари и други значајни средби, меѓу кои и со заменик-директорот за Европа во Европската служба за надворешна акција, Марко Маковец; претседавачот на Глобалниот Европски центар во САД, Филип Рикер; комесарот за човекови права на Советот на Европа, Мајкл О’Флаерти; и специјалниот претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан, Лорд Стјуарт Пич. (МИА)