Македонија

Милошоски со апел до кипарскиот амбасадор проблемот со превозниците да се стави на дневен ред во Брисел

Милошоски со апел до кипарскиот амбасадор проблемот со превозниците да се стави на дневен ред во Брисел

Претседателот на собраниската Комисија за европски прашања Антонио Милошоски денеска на седницата на претставувањето на приоритетите на кипарското претседателство, побара од амбасадорот на Кипар за земјава Андреас Фотиу да го стави на дневен ред во Брисел протестот на камионџиите кои за денеска најавија блокада на границите кон ЕУ.

-Амбасадоре, на 17 декември 2025 комесарката Марта Кос потпиша Меморандум за побрза интеграција и за побрз и непречен транспорт со земјите од Западниот Балкан, но вклучително и со Молдавија, Грција, Бугарија, Италија. Овој меморандум е во склад со политиката на ЕУ за Планот за раст, чија цел е како да се создаде со секој поминат месец и година поголема интеграција на пазарот на земјите од Западен Балкан и негово посилно интегрирање во пазарот на ЕУ, рече Милошоски.

Тој истакна дека потпишаниот Меморандум од Кос особено се однесуваше на т.н. зелени ленти за побрз транспорт и побрзо движење на превозниците и оти тоа покажува дека со овој документ самата ЕК потенцира дека овој сектор на превозници како битен сегмент од регионалното стопанство, но и битен сегмент од стопанството и на ЕУ, има статус на посебна категорија.

-Затоа нашиот апел од име на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалиционите партнери до Вас, е да побараме од кипарското претседателство оваа тема за балканските превозници како значаен сегмент од стопанството во регионот да биде ставена на дневен ред на претседателството на Кипар и да се најде начин во постоечката регулатива како овој проблем да се надмине со взаемна корист на сите учесници и актери во оваа тема – нагласи Милошоски.

Според Милошоски, ако може ние да имаме заедничка и надворешна безбедносна политика усогласена со ЕУ, тогаш можеме да имаме и заедничка транспортна политика усогласена со ЕУ, а во корист на стопанството на земјите од Западен Балкан.

-Ова прашање на проблемот со превозниците го засега прашањето на кредибилитетот на ЕУ и потенцијалот на Унијата да решава одредени проблеми. Бидејќи ние како земји на европскиот континент сме продуктивни кога станува збор за декларации, резолуции, планови, агенди…, но кога станува збор за надминување на одредени предизвици, тој настанат проблем денес сметам дека ќе послужи многу доколку најдеме начин како да го надминеме, потенцира тој.

Милошоски подвлече и дека доколкку постои политичка волја, доколку се цени стопанскиот интерес и доколку има добра координација во рамки на кипарското претседателство со земјите-членки и со ЕК, дека се можни корисни решенија за овој предизвик.

-Тие решенија ќе бидат корисни и за регионалното стопанство и за стопанството во ЕУ, но исто така и за кредибилитетот на ЕУ и за она за што се залага – за заедничкиот единствен пазар на ЕУ и земјите од Западен Балкан да станува реалност наместо предмет на фрагментација и на вакви ненадминливи технички проблеми, рече Милошоски.

Претседателот на Националниот совет за евроинтеграции Венко Филипче се согласи дека ограничувањето на движењето на нашите превозници со воведувањето новиот електронски систем од ЕУ директно ќе го почувствуваат нашите граѓани и економија. Тој при тоа изрази загриженост, за, како што рече, „ситуацијата во земјата за немањето никаков прогрес на европскиот пат“. Оцении дека геополитичката ситуацијата во светот драстично е сменета, додека напред кон Европа во едни други околности оди Украина, Молдавија.

-Го слушаме премиерот на Хрватска Андреј Пленковиќ,  како повикува на политички одлуки за прием во Европската Унија, меѓутоа дури и тоа да се случи не ја спомнува Северна Македонија, се осврнува на Босна и Херцеговина. Што значи дека никаква задача домашна не е завршена, не сме го зајакнале системот, не можеме да бидеме спремни ниту за некаква политичка одлука доколку дојде до такво нешто во рамките на ЕУ, оцени тој.

Тој смета дека проблемот е во немањето политичка волја да се спроведат уставните измени коишто, според него, „се очигледно единствениот начин да се продолжат преговорите“.

Покрај најавите на Владата дека нешто ќе се репреговара, ќе се менува, очигледно дека тоа не се случува, вели Филипче според кого ова е едно намерно запирање на европскиот пат на земјава, упатувајжи при тоа забалешка и за, како што вели, неспроведување на реформската агенда, оти од законите што требало да се донесат лани се донел само еден.

-Во тој дел на неспроведувањето на реформите, не правењето никаков чекор кон спроведувањето на уставните измени, ограничувањето на слободата на говор, сомнителниот капитал кој доаѓа од други земји, флертувањето и отворената соработка со луѓе блиски на рускиот претседател Путин, контролата на медиумите од страна на луѓе блиски на Орбан, сериозно го поставува прашањето дали оваа Влада воопшто, ја мислам дека не, сака да направи чекор кон Европската Унија, оцени Филипче.

На ова претседателот на Комисијата за европски прашања Антонио Милошоски даде забелешка дека неговиот говор е најдобар демант на неговите забелешки дека нема слобода на говор во земјава.

-Но има еден друг проблем. Негови пратеници најавуваат дека неговата партија е пред политички стечај. И веројатно е оправдано од негова страна да го сврти фокусот на друго место, таму каде што нема проблеми да ги измисли, или таму каде што нема недостатоци да ги создаде или доколку има да ги преувеличи, вели Милошоски.

Потпретседателката на Националниот совет за евроинтеграции Марија Петрушевска истакна дека транспортерите се сочуваат со посеризен проблем којшто ќе влијае не само овде и во земјите од Западен Балкан, туку  ќе влијае и во ЕУ.

-Потребно е помалку бирократија а повеќе решенија и затоа во таа насока и јас се приклучувам кон апелот до кипарскиот амбасадор. Потребна ни е акција за оваа политика која не засега токму сите, посочи Петрушевска.

Пратеникот Халил Снопче, пак, осврнувајќи се на приоритетите на кипарското претседателство, истакна дека е од особена важност што еден од приоритетите е унапредување на процесот на проширување на ЕУ, притоа, посочи, да не се заборави фокусот на владеењето на правото и на реформите во оваа област.

Најнови вести од Македонија

To top