Премиерот Христијан Мицкоски беше во посета на Општина Петровец. Тој присуствуваше на поставување камен-темелник на изградба на нов културен дом во Општина Петровец.
Мицкоски одговараше на новинарско прашање во врска со реконструкција на владата и дали ВРЕДИ ќе добие министерско место повеќе, бидејќи Беким Сали ќе ја заземе вицепремиерската функција.
-Тоа е одлука на нашиот коалиционен партнер и не значи дека ќе има ресор повеќе. Јас имам високо мислење за Беким Сали и тука не треба да имаме никаква дилема, но тоа не значи дека ќе има место повеќе во владиниот кабинет, рече Мицкоски.
Тој потенцира дека се фокусирани за Конгресот кој ќе се одржи на 6 декамври во Кавадарци.
-Потоа нормално формирање на партиската структура, извршниот комитет, општинските комитети и другите сатруктури и се додека тоа трае ќе размислуваме за одредени кадровски промени во рамки на Владата. Подготвен сум со секој да разговарам, тука нема никаква дилема во рамките на коалицијата, но се разбира мандатар сум јас и секако дека последниот збор како мандатар на Владата ќе го имам јас, потенцира тој и додаде дека:
„Реконструкција на Влада не се прави само да се реконструира Влада и пред било кој потег да се повлече треба добро да се размисли дали тоа ново кадровско решение ќе биде подобро од претходното. Така што тоа е еден процес на сериозна анализа“.
Јас сум подготвен со сите чинители на Владата да седнам и да разговарам, да ги слушнам нивните идеи. Но, повторно ќе кажам, мандатар на владата сум јас, нагласи Мицкоски.
На прашањето дали по завршувањето на локаните избори имало интерес од одреднеи структури од НАИ да бидат дел од Владата, премиерот кажа дека веднаш по изборите отпатувал во Брисел и оти досега не разговарал со никој на оваа тема.
– Па не, јас веднаш после изборите, утрото отпатував за Брисел, вчера попладне се вратив, така што ова е мојот прв работен ден после изборите. Следува една организација, сега да видиме како ќе биде понатаму, така што до овој момент не сум разговарал со никого на било каква тема за прашањето поврзано со Владата, додаде Мицкоски.
Тој повтори да не им се верува на шпекулациите за смена на одредени министри и очекува наскоро за испразнетите кадровски места да добие имиња.
– Да видиме дали тие имиња апсолутно се во рамките на тие што очекувам да бидат. И тие имиња да ги пополнат испразнетите места во Владата и институциите. Ова ќе биде процес кој што ќе трае, нема да биде од денес за утре. Ќе повторам реконструкција како реконструкција нема да значи ништо ако реконструираме некој и донесеме после, како што беше пракса во минатотот. Секој кој треба да замени треба да понуди подобра програма, подобри перформанси за да имаме подобра испорака. Ако ставиме име што нема да има подобра програма, нема подобри перформанси и подобра испорака за бадијала сме направиле реконструкција не е суштината на реконструкцијата, посочи Мицкоски.