Целата реколта ќе се продава по цена од 400 денари по килограм тутун, субвенцијата од 80 денари ја зголемивме на 100 денари по килограм тутун, изјави денеска премиерот на Република Македонија Христијан Мицкоски, откако претходно Владата и тутунарите, како и откупувачите за тутун постигнаа историска цена за откупот.
-Навистина сум задоволен што работевме заедно со тутунопроизводителите, тутунарите, со откупувачите и дојдовме до овој историски момент. За да биде појасно за граѓаните, дека тутурарите кон крајот на првиот квартал секоја година потпишуваат договори со откупувачите за тутунунот, за откупот на тутун и цената, и таа за оваа година беше 375 денари по килограм прва класа. Бидејќи реколтата е некаде околу 17 милиони килограми, со исклучително добар квалитет, имавме разговори со тутуно производителите, тутунарите и дојдовме до посакувана цена од 400 денари по килограм, изјави премиерот Мицкоски.
Мицкоски објасни дека целата реколта ќе се продава по цена од 400 денари по килограм тутун, и дека субвенцијата од 80 денари Владата ја зголеми на 100 денари по килограм тутун.
-Во рамките на моите активности имав состанок со речиси сите откупувачи. Разговаравме деновиве, преговаравме и еве денеска можам да кажам дека најголемите откупувачи ја објавија веќе цената од 400 денари по килограм и она исто така кое е охрабрувачки е тоа што целокупната реколта се откупува како прва класа, значи се се плаќа по 400 денари, и исто така можам да кажам дека како Влада донесовме одлука и субвенцијата од 80 денари да ја зголемиме за 20 денари и да биде 100 денари, појасни Мицкоски и додаде:
-Што ќе значи, сумарно за еден килограм откупен тутун на тутунарите вкупно ќе им бидат исплатени 500 денари за тој килограм или некаде околу 140 милиони евра ќе влезат свежи пари, капитал кај тутунопроизводителите, што навистина претставува квалитетен податок, додаде Мицкоски.