Премиерот Христијан Мицкоски вели дека Владата ќе го каже својот свав во однос на изборот на нов републички јавен обвинител, откако за тоа ќе се произнесе Советот на јавни обвинители.
– Сега постапката е да се произнесе Јавното обвинителство, односно Советот на јавни обвинители, да почекаме тие да се произнесат, а потоа Владата ќе излезе со свој став, рече Мицкоски во одговор на новинарски прашања по увидот на инфраструктурни проекти во Општина Гази Баба.
Петмина кандидати се пријавени на огласот на Собранието за јавен обвинител на Република Северна Македонија, што истече ноќеска на полноќ, но за да се затвори листата, се остава простор од 2-3 дена за евентуални пријави што навреме се пратени по пошта, а сè уште не се пристигнати.
На местото на Љупчо Коцевски, кој поднесе неотповиклива оставка во декември лани, дојде обвинителката Тополова-Исајловска како в.д. државен јавен обвинител, која беше единствен кандидат, но не може да биде на позицијата подолго од шест месеци.
Постапката за избор на нов државен јавен обвинител почна со огласот што го распиша Собранието на 12 јануари годинава, со рок за пријавување од 15 дена од денот на објавувањето во „Службен весник“. Кандидатите мора да имаат непрекинат работен стаж од најмалку 10 години како јавни обвинители или судии од областа на кривичното право.
Според Законот за Јавното обвинителство, добиените кандидатури се препраќаат до Владата. По пријавувањето, Владата бара мислење од Советот на јавните обвинители за сите кандидати. Советот е должен да достави образложени мислења во рок од 15 дена. Доколку Советот не даде позитивно мислење за ниеден од пријавените кандидати, Владата не може да утврди предлог и му предлага на Собранието распишување нов оглас. Со 61 глас од пратениците ќе треба да биде избран новиот државен јавен обвинител.