Премиерот Христијан Мицкоски изрази задоволство од досегашната борба со корупција, но истакна дека конечните резултати зависат од судската власт. Во однос на бегството на поранешниот вицепремиер, Артан Груби и екс-директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски, тој не гледа пропуст во институциите и верува дека правдата ќе стигне. Потенцираше дека Владата ќе продолжи со своите напори во борбата против корупцијата и во следната година.
-Ние како Влада, како извршна власт, можеме за оние случаи на високопрофилирани политички коруптивни случаи каде што има основано сомневање да влеземе во истрага, да видиме дали има докази, доколку има да ги обезбедиме, да формираме досие и тоа досие да го доставиме до надлежниот обвинител. Таков е законот. Ние не можеме како Влада да бидеме и извршна и судска власт. Од тој момент па натаму обвинителството е тоа кое што цени дали тие докази се доволни за да се отпочне процес, односно да има обвинение или не, рече премиерот на денешната прес-конференција во Владата на Република Македонија.
Дополни дека Владата ќе продолжи со своите напори во борбата против корупција и во следната година.
-Сето она кое што го правевме изминатиов период ќе продолжиме да го правиме и во следната година како извршна власт. Големи имиња, високопрофилирани политички имиња се најдоа во истрага, се најдоа во процеси коишто ги водеше извршната власт и ги достави до обвинителството, дополни тој.
Во однос на бегството на поранешниот вицепремиер Груби и екс-директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски, премиерот не гледа пропуст во институциите и верува дека правдата, како што рече, „ќе ги стигне“.
-Не гледам пропуст ниту во институциите, ниту каков било пропуст затоа што прашање на време е кога овие бегалци од правдата ќе се вратат и ќе одговараат, затоа што да си бегалец од правдата не е така едноставен живот, па дури и да го смените континентот. Така што, мислам дека таа работа нема така да заврши, рече тој.
Премиерот го темели својот оптимизам на искуството дека „правдата е спора но секогаш доаѓа“ и додаде дека ќе продолжи да ја коментира работата на обвинителството само кога ќе види дека се калкулира.
-Јас многу често го коментирам работењето на обвинителството и одлучив да не го коментирам. Само во случаи кога ќе видам дека обвинителството калкулира, тогаш ќе си дозволам да го коментирам, истакна премиерот, дополнувајќи оти смета дека коментарите на власта имаат позитивна улога во работењето на обвинителство.