20 години ВМРО-ДПМНЕ го чекаше овој ден. Струмица 20 години чекаше на промени кои најодговорно ви велам дека ќе се случат. Глетката е импресивна, многу мотивирачка. Јас ви бе замолил на 19-ти да ја завршиме работата. Ќе победиме затоа што Струмица крева глава, се ослободува од стегите кои две децении ја заробија во она што се вика фамилија која го западна градот, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер, Христијан Мицкоски, на вечерашниот масовен митинг во Струмица.
-Ја заробија во еден затворен круг на фирми, луѓе, поединци и бизниси кои живеат на грбот на струмичани. Тие станаа милионери, а народот сиромашен. Предолго траеше овој процес, предолго беа заробени надежите, среќата и очекувањата на луѓето. Им беше одземено правото на иднина и на овој маѓепсан круг сега му дојде времето на промените. Промените овде се природен процес, последица и рефлексија. Одговор на народот на она што го видел и претрпел низ годините. Од тука, од Струмица, со години се водеа најголемите процеси кои парче по парче ја уништуваа Македонија. Од тука со години тргнуваа политичките комбинации што ја оставија државата заробена, а граѓаните разочарани. Од тука често пати се правеа работи кои што направија историска штета и донесоа историски последици, порача Мицкоски од Струмица.
Тој истакна дека тука е гуруто и менторот на денешниот претседател на СДСМ.
-Денес Венко Филипче често доаѓа во овој град. Тој доаѓа не за да понуди визија, да каже некоја нова идеја, некој нов проект. Тој тука доаѓа само да земе инструкции, порача Мицкоски.