По повеќе од 50 години денеска почнаа градежните активности за повторно отворање на граничниот премин „Маркова нога“ на македонско-грчката граница. Со отворањето се очекува да се отвори простор за економска, туристичка соработка и културна размена меѓу двете држави.
-Денеска е посебен ден за Преспа. Овој граничен премин е само уште еден чекор кон поврзување на двете Преспи од едната и другата страна на границата и мислам дека ваквите примери се позитивни и за двете држави и во таа насока треба и понатаму да се градат односите, да се поврзуваме затоа што само на тој начин можеме да бидеме во оптиката на поголемите држави.
Ова го истакна премиерот Христијан Мицкоски кој заедно со евроамбасадорот Михалес Рокас и постојаниот претставник на Програмата за развој на ОН (УНДП) Армен Григорјан, присуствуваше на поставување на камен-темелник на македонско-грчкиот граничен премин „Маркова нога“, а беше и во посета на Ресен заедно со градоначалникот.
За техничките карактеристики, инвестицијата и сето поврзано со изградбата на овој граничен премин, Мицкоски се заблагодари на Европската Унија, УНДП, на општините кои се опфатени.
Според градоначалникот на Општина Ресен Јован Тозиевски, проектот финансиран од ЕУ и имплементиран од УНДП, е значаен затоа што ќе ја заживее Преспа.
-Се надевам на многу позитивни приказни во иднина, развој на туризмот, поголем проток на луѓе, се разбира и локалното население да го види својот бенефит од овој проект. Покрај овој проект ние заедно со ЕУ работиме и на еден исто така голем проект кој се вика ЕУ за Преспа, којшто е во финална фаза, во вредност од околу 20 милиони евра и тој содржи изградба на канализациони системи со прочистителни станции во седум села, крајбрежјето на Преспанско езеро, повик за култура, повик за туризам, повик за земјоделие, повик за заштита на животната средина и други.
Најголемиот дел од овие веќе се започнати, посочи Тозиевски, домаќин на денешната свеченост во Преспа.
Ставањето на камен-темелник на граничниот премин „Маркова нога“ како изклучителен настан и нова ера го посочи и амбасадорот на ЕУ во земјава Михалис Рокас.
-Денеска е историски ден во вашата земја. Визијата на ЕУ за преспанскиот регион е визијата на граѓаните од трите страни на Преспа. Најважно е да се има визија која што ќе биде фокусирана од луѓето за луѓето, и исто така визија која што ќе биде фокусирана на размената на искуствата од трите страни на границата, ќе има економски развој, економската одржливост како и зачувување на Преспанското езеро, која што не е само природно наследство на преспанскиот регион, туку исто така се смета и како европско наследство, истакна амбасадорот на ЕУ во земјава, Рокас.
Граничниот премин се очекува да биде отворен во 2028 година.
Инаку, проектот опфаќа изградба на административна зграда на Царинската управа со површина од околу 360 метри квадратни, како и изградба на канцеларија за осигурителна компанија, резервоар за вода, армирано-бетонски пропусти, водоснабдување и канализација, потпорни ѕидови, три новопланирани улични делници и јавни тоалети. Изградбата на овој граничен премин е во рамки на проектот „ЕУ за Преспа“.