„Ќе продолжиме и понатаму да ги развиваме проектите, тоа е многу значајно за нас, бидејќи ние сме земја којашто во суштина нема излез на море, не изобилува со некои ресурси како што е нафта и гас, и тоа во одредена смисла на зборот претставува некаков си недостаток. Но она коешто ние го имаме, другите балкански земји го немаат. А тоа е дека ние сме природна раскрсница на многу важни два паневропски коридори. Тоа се Коридорот 8 и Коридорот 10“.
Ова вчера го истакна премиерот Христијан Мицкоски кој ја пушти во употреба делницата Градско-Дреново (дел од експресниот пат Градско-Фариш).
-Годината ја започнавме со пуштање во употреба на еден ваков преубав експресен пат, којшто ги поврзува градовите Куманово и Крива Паланка, односно од местото Чатал преку Длабочица до Крива Паланка или од местото Страцин попознато за оние коишто патуваат кон нашиот источен сосед Бугарија. И сега го пуштаме овој пат преубав од Градско, Дреново- Фариш којшто е дел од Коридорот 10, во суштина отсечката 10Д. А, за неколку дена од денес, ќе го пуштиме првиот дел од пругата кон Бугарија, којашто треба да го поврзе Куманово со Бељаковце. И ова се три проекта коишто треба да го одбележат почетокот на оваа година, коишто многу лесно можеше да бидат споменици на едно лошо време, коешто сите се трудиме да остане во заборав и коешто лошо време нѐ влечеше назад, рече тој.
Освен што зборуваше за важноста на овој експресен пат, премиерот најави дека со работа се продолжува насекаде ширум Македонија.
-Кога бевме избрани како Влада, имавме дилема. Дали да се однесуваме како нашите претходници и да кажеме дека животот започнува од нас и дека сѐ што било претходно треба да заборавиме и дека ние сме тие коишто се најпаметни и најмногу знаеме. Или пак, сето она за коешто се потрошени народни пари, ваши пари, пари од македонскиот буџет да го завршиме и да го пуштиме во употреба и покрај предизвиците и сите недостатоци коишто ни ги оставија. Ние одлучивме да го направиме ова второто, бидејќи ценевме дека тоа е правилниот начин како се постапува со тешко, макотрпно, мачно заработените пари на македонските граѓани коишто тие ги уплаќаат во буџетот. Продолжуваме и понатаму, не застануваме тука. Договорени сме со Јавното претпријатие државни патишта да продолжи проектирањето на делот до Прилеп преку Плетвар. Оној дел којшто треба да се прошири, да се надгради. А истовремено, со несмалена динамика, продолжува, не започнува, таа е започната, но продолжува изградбата на автопатот од Прилеп до Битола. И очекуваме и таа отсечка автопатска да биде час поскоро завршена. И се обидуваме да најдеме начин како да обезбедиме средства да ја завршиме обиколницата околу Битола до граничниот премин Меџитлија. Со што на еден брз начин би се користела и оваа отсечка од Коридорот 10 или отсечката 10Д, преку којашто стотици илјади, би рекол милиони возила годишно се обраќаат, посочи вчера Мицкоски.
Премиерот истакна дека продолжуваат со работа и со Коридорот 8, изградбата на Коридорот 8.
-Тоа е автопатот којшто треба да ги поврзе Гостивар со Букојчани, потоа тендерската постапка којашто треба да ја поврзе Букојчани со Кичево. И со несмалена динамика се градеше додека не заврна, долгоочекуваниот снег, оној познат автопат којшто треба Кичево да го поврзе со Охрид. Со што би ја завршиле и таа делница којашто е дел од Коридорот 8. Очекувам дека отсечката од Врбјани до Охрид, можеби со мало исклучување кај месноста Ботун, да биде пуштена на почетокот од оваа туристичка сезона, таму втората половина на мај, првата половина на јуни. А целосно, таа делница да биде затворена до крајот на 2026 година, рече тој.
Премиерот порача дека на тој начин се сака и се гради татковината.
-На тој начин, ние правиме подобри улови за граѓаните и на тој начин ќе продолжиме да работиме, затоа што само така можеме да покажеме дека принципот како до сега, заврши и остана на една друга страна од нашето минато. И дека е сега моментот кога, ја градиме државата и на тој начин Македонија се сака со дела, и Македонија ќе биде повторно горда, посочи Мицкоски во своето обраќање.