Македонија

Мицкоски: На јавниот обвинител не му треба црна листа за да му кажат кој краде, овде се краде на дневна основа

Мицкоски: На јавниот обвинител не му треба црна листа за да му кажат кој краде, овде се краде на дневна основа

„Колку што успеав да разберам од американскиот амбасадор е дека тие располагаат со соодветни докази и дека до сега никој од истражните органи, ниту обвинителството не пристапил да ги побара тие докази. И јас ги охрабрувам еве новиот обвинител го охрабрувам да пристапи и да ги прибави тие докази и врз основа на тие докази да отпочне предистрага, истрага за да ставиме крај еднашка засекогаш на сите овие тврдења дека овој бил на црната листа затоа што бил корумпиран, тој ќе биде на црната листа на САД затоа што бил корумпиран итн., криминалот мора да има име и презиме и мора да има јасни докази и правосилна пресуда и затоа го охрабрувам новиот јавен обвинител првиот ден да седне и да ги прибави тие докази и да отпочне предистрага да видиме дали е тоа нешто кое е навистина страшно, а ако е страшно треба да се процесуира“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во вечерашното гостување во емисијата „Клик плус“ на ТВ 21.

Тој продолжи и истакна дека тој би ги оставил настрана црната листа на САД и Обединетото Кралство бидејќи секојдневно има дневен криминал во државава.

„Ние сме сведоци на дневен криминал во државава. Оставете ја црната листа, таа листа на САД е нешто сосема друго. Ние како општество живееме во бара наречена криминал и корупција, политички криминал и политичка корупција. Не треба нас Стејт Департментот или Департмент за правда и Департмент за финансии на САД да ни кажува овој е на црна листа затоа што е корумпиран, тој не е. Ние на дневна основа сме сведоци за основани сомневања за сторен криминал“, вели Мицкоски.

За Мицкоски понижувачки како граѓанин на оваа држава е тоа што некој од надвор ни ги решава домашните проблеми, бидејќи ние треба самите да си ги решиме.

„Ако јавниот обвинител кој треба да гони организиран криминал има препорака затоа што е пријател со возачот на лидерот на една политичка партија или е сосед на братот на лидерот на една политичка партија итн., така какви сакате вие имајте црни листи, тие нема да ви го решат проблемот затоа што процесот колку јас што знам трае 3,4,5 години за да САД некое лице стават на условно кажаната црна листа, а во тие 3,4,5 години тоа лице мора да направи лица да направат фантастичен криминал кој ќе остане неказнет и криминал кој практично ќе ја доведе државата во оваа состојба во која што е“, посочи Мицкоски.

Мицкоски заклучи дека не треба никаква црна листа туку треба само три бази на податоци да се споредат. Тоа се УЈП, Агенција за катастар и недвижности и Централниот регистар и тогаш ќе се види кои се лицата во Македонија кои имаат несразмерни параметри.

To top