Мене ме радува фактот што после многу години не сме повеќе хибриден режим, според „Економист“. На 27 февруари излезе податок дека Македонија напредува 10 места на скалата. Сега веќе не сме хибриден режим, сега сме малку погоре за разлика од другите земји во соседството кои бележат опаѓање.
Ова го истакна премиерот Христијан Мицкоски, кој денеска беше во посета на општина Ѓорче Петров.
-Ајде да се радуваме на овој успех, да кажеме на граѓаните дека не сме повеќе хибриден режим, според Економист, туку дека сме ја унапредиле демократијата и мислам дека тоа треба и самата ЕУ и известувачот да го забележаат и да го стават во својот извештај.
Инаку, членовите на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ) во вторник ќе расправаат за Предлог-извештајот за напредокот на Македонија на нејзиниот европски пат, подготвен од специјалниот известувач за земјава, австрискиот европратеник Томас Вајц.
Како што соопшти ЕП, анализирајќи го напредокот на Македонија кон членството во ЕУ, Предлог-извештајот „ги препознава чекорите што земјата ги презеде за решавање на различните прашања што го попречуваат процесот на нејзино пристапување“ кон Унијата.
Мицкоски за напредокот на Македонија според „Економист“, предмалку објави и на Фејсбук.
-Добра вест. Македонија „скокна“ 10 места на Индексот за демократија на „Економист“. Бележиме скок од 10 места на Индексот за демократија за 2024 година на листата на „Економист“, наоѓајќи се на 62 место на листата.
Зад Македонија, потенцира Мицкоски, се најдоа Србија, Албанија и БиХ. Србија е на 64-тото место, Албанија на 66-место, а БиХ на 88-мо место. Во 2023-та и 2022-та Македонија се наоѓаше на 72-то место на листата на еминентниот „Економист“ во однос на Индексот на листата за демократија.
– Продолжуваме заедно да работиме и да ја нормализираме државата. Македонија ќе биде повторно ваша!, објави на ФБ Мицкоски.