Македонија

Меџити ќе го потпише документот за прогласување епидемија на голема кашлица

Меџити рече и дека препораката од Комисијата за заразни болести за забрана за прием на невакцинирани деца во градинките треба да се сфати во позитивен контекст.

Меџити ќе го потпише документот за прогласување епидемија на голема кашлица

Министерот за здравство во техничката Влада, Фатмир Меџити денеска на брифинг со новинарите истакна дека ќе го потпише документот за прогласување епидемија на голема кашлица во Скопје, по вчерашната препорака на Комисијата за заразни болести.

Претходно за МИА портпаролот на Комисијата за заразни болести, Злате Мехмедовиќ потврди дека има четири нови случаи на голема кашлица во земјава, со што бројот се зголеми на вкупно 22 од почетокот на годината.

– Од службите сега ме известија дека сѐ е процесуирано и оттука ќе одам да го потпишам и ќе го пратиме до вакциналните пунктови веднаш да стапи во сила, одговори Меџити прашан околку процедурата за прогласување епидемија на голема кашлица.

Меџити рече и дека препораката од Комисијата за заразни болести за забрана за прием на невакцинирани деца во градинките треба да се сфати во позитивен контекст.

– Ова не е дека е некоја забрана или сакаме некого да казниме. Ова е тоа што сакаме да ги стимулираме, сакаме нивните деца да бидат здрави и живи, да имаме подобра иднина како држава. Апелирам до сите родители, ве молам, вакцините заштитуваат живот, подвлече Меџити.

Тој се осврна и на проверувањето вакцинални картони, при што нагласи дека на тоа се работи, но оти процедурата е се уште во тек. Кога резултатите ќе бидат целосни, најави дека ќе бидат споделени со јавноста.

Меџити ја потврди информацијата дека е испратена инспекција во болницата „Санте плус“, откако добиле индиции тоа да се стори.

– Веднаш дадовме инструкции на Државниот санитарен и здравствен инспекторат за да се испита дали болницата ги исполнува условите за понатамошно работење, појасни Меџити.

Меѓу другото, министерот за здравство, кој се соочува со можност да биде разрешен, откако настана поделбите во партијата од која доаѓа, Алијанса за Албанците денеска на брифингот со новинарите говореше и за досегашните спроведени проекти, а кажа и дека се соочил со кочење на работата на МЗ.

Тој ги спомена и ревидирањето на позитивната листа, набавувањето на лекот „трикафта“, реновирање на клиниките и болниците низ државата, враќањето во функција на КАТО системот.

– Го враќаме во функција КАТО системот за дозирање и контрола на терапијата кај онколошките пациенти. Никој повеќе нема да може да ги злоупотребува лековите за онколошките пациентите. Ја зачувавме довербата во системот и тоа е многу важно. Набавуваме нови 22 амбулантни возила. Ги зајакнуваме капацитетите на Итната медицинска помош. За првпат овозможивме хеликоптерски транспорт за најитните случаи. Двапати ги покачивме платите на здравствените работници. Вложуваме во нашиот вреден кадар, тој е гордоста на јавното здравство. За првпат казнуваме нерегуларности во здравството. Воведуваме ред со цел поефикасна работа. Работиме на проектот централизација на Клиниката за радиологија, беа дел од проектите на кои се осврна министерот.

To top