„Во страв од поразот кој несомнено ги чека, ДУИ веќе го загуби компасот! Така, нивната единствена цел сега е да предизвикаат политичка криза за да ги спасат корумпираните во нивните редови, обидувајќи се да продолжат со техничката влада повеќе од 100 дена. Целите на Али Ахмети беа јасни и ВЛЕН ја предупреди јавноста од моментот кога со кандидатурата на Бујар Осман, ДУИ умислено ја елиминираше можноста Арбен Таравари да влезе во вториот круг од претседателските избори“, рече Изет Меџити.
Тој денес јавно го прашува Али Ахмети: „Дали е вистина дека им наредивте на општинските организации да организираат бојкот на вториот круг од претседателските избори, иако се сретнавте со Стево Пендаровски и му ветивте поддршка“?
-Ако ова е вистина, кажете ѝ на јавноста зошто не ги бојкотиравте претседателските избори во 2019 година? Што се смени од тогаш? Дали стравот од неуспех ви го заматува видот? Или по наредба на руските центри на власта сакате да спречите новото парламентарно мнозинство да обезбеди уставни промени во рок од 6 месеци по формирањето на новата влада? Зошто работите против интересите на ЕУ и САД? Доволно создадовте магла, одговорете на овие прашања кои се од витално значење за иднината на државата. Сега кога ќе дојде време да преземете одговорност за корупциските скандали, вие подмолно се обидувате да го злоупотребите целиот албански народ како штит, но и помалите етнички заедници кои ги користите како заложници. Овие трикови веќе видени, не поминуваат, порача Меџити.
Тој истакна дека по 8-ми мај ќе има Влада со ВЛЕН како единствен легитимен политички претставник на Албанците.
-Ќе има и мнозинство на Бадентер, ќе се обезбедат основите на Охридскиот рамковен договор и ќе има одговорност за сите што работеа спротивно на законите. Не можете и не смеете заминувањето на ДУИ во опозиција да го претставите како проблем за опстанок на државата. Ова е крајно неодговорно и кукавичко. Затоа, ве повикуваме да престанете да ги срамите Албанците и славните борци на УЧК. Не е крај на светот ако одиш во опозиција. Како легалисти и демократи со нашиот политички кредибилитет гарантираме дека нема да има реваншизам, туку одговорност ќе има само кога тоа ќе се докаже во правилни судски постапки, изјави Изет Меџити.