Македонија здравство

Матични се жалат на казни за пречекорувања на издадени лекови, од Фондот велат реакцијата е поради целта за рационално препишување лекови

Од Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) во однос на реакцијата на матичните лекари ја истакнуваат целта за рационално препишување на лекови која што е во сила повеќе од 10 години и поради која им се намалува дел од капитација, доколку некој од матичните лекари ја надмине таа цел.

Матични се жалат на казни за пречекорувања на издадени лекови, од Фондот велат реакцијата е поради целта за рационално препишување лекови

Појавата на казни кај наводни пречекорувања на издадени лекови, во услови на незголемен буџет за лекови за хронична терапија, при што некои од лекарите биле доведени во ситуација да мораат да враќаат пари, иако, како што велат, морале да препишат лекови, беше првата причина за денешната реакција на матични лекари пред Фондот за здравствено осигурување. Иако, како што беше нагласено, пари сѐ уште не им биле наплатени, им било ветено дека никој нема да биде казнет.

– Втор проблем е што сите извештаи од специјалистички прегледи и слично, се бараат од матичните лекари. Тоа е еден голем трошок за нас, а парите што ги добиваме не се зголемуваат, што ни претставува проблем во функционирањето. Според нашите анализи, за да опстанеме, потребни ни се многу повеќе пари. Има многу заминувања на здравствен кадар, тешко се наоѓаат медицински лица. Ние сме спремни за работа електронски, хартијата да ја исфрлиме. Лекарите совесно си ја вршат професијата, понекогаш и на сопствена штета, само и само секому да се даде лек. А има недостаток од лекови. Решенија во корист на здравството, многу споро се носат. Апелираме тоа да биде побрзо. Кога подолго време не наидовме, барем, на знаци дека нешто ќе се подобри, решивме да обрнеме внимание дека сме во лоша ситуација, рече доктор Љубомир Стефановски, матичен лекар и член на Управен одбор на здружението и потпретседател во Лекарска комора за примарна здравствена заштита.

Доктор Анкица Станоевска, специјалист по семејна медицина, рече дека, дури, ни катедрата по семејна медицина, за жал, досега, од Министерството, како специјализација по семејна медицина, воопшто не била ни признаена.

– Се ветуваше дека ние како специјалисти по семејна медицина ќе имаме поголеми ингеренции во однос на нашите пациенти, во однос на давање лекови и издавање на дијагностички процедури. Меѓутоа, тоа сѐ уште не е сторено. Затоа, упорно матичните бараат средба со правните служби, за промена на правните регулативи, што доведуваат до вакви небулози, подвлече таа, нагласувајќи дека бараат исто така и промена на казнените политики со кои се соочуваат, а, како што истакна, работат во корист на пациентите.

Со вакви ограничувања во работењето, додаде таа, како да се задржат медицинските лица и особено младите матични доктори.

Филип Дракалски, како млад доктор по општа медицина, рече дека за него е предизвик да ја работи оваа професија.

– Истовремено, сум ограничен при давањето на дополнителни упати за моите пациенти, за доиследување, рече тој, апелирајќи да се сврти вниманието кон нив младите доктори, кои можат да направат позитивни промени во општеството.

Убеден сум, додаде, дека можеме да направиме добри промени, само ако работиме сите заеднички на тоа.

Од Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) во однос на реакцијата на матичните лекари ја истакнуваат целта за рационално препишување на лекови која што е во сила повеќе од 10 години и поради која им се намалува дел од капитација, доколку некој од матичните лекари ја надмине таа цел.

Појаснуваат дека целта за рационално препишување на лекови е уредена со правилник каде што се дефинира обемот на лекови што може секој од матичните лекари да го препише сразмерно на бројот на пациенти кои ги има прикрепено и во него е дефиниран процентот на препишани рецепти за антибиотици, анксиолитици и останати лекови.

– Во моментов ФЗОРСМ прави пресметки и анализа за да види зошто е дојдено до оваа состојба и дали причините се објективни или субјективни и согласно добиените пресметки ќе постапи соодветно, како никој не би бил оштетен, децидни се од Фондот.

Најнови вести од Македонија

To top