Македонија Анализа

Македонија од позиција на потчинетост до влијателен фактор на меѓународната политичка сцена: Ѓорчев за КУРИР ја анализира владината дипломатска офанзива

Ѓорчев анализира дека актуелната Влада води атрактивна и конзистентна економска политика на поволности за странските инвеститори.

Македонија од позиција на потчинетост до влијателен фактор на меѓународната политичка сцена: Ѓорчев за КУРИР ја анализира владината дипломатска офанзива

Премиерот Христијан Мицкоски со владина делегација е во дипломатска офанзива. Низа посети и официјални средби со челници, делегации и администрации во Минхен, Вашингтон, Истанбул, Будимпешта….

За време на минатата Влада, македонските граѓани не беа во можност да видат како Македонија влијае на меѓународната политичка сцена бидејќи бевме соочени со политичари кои само седат со скрстени раце и дозволуваат некој друг да носи одлуки во име на нашата држава.

КУРИР побара став од поранешниот амбасадор Марјан Ѓорчев.

-Со непромислените, кусогледи и штетни политики на меѓународен план на владата на СДСМ и ДУИ во период мај 2017-мај 2024 година, Македонија се соочи со своја меѓународна позиција на потчинетост, вазалство, безидејност и политика на беспоговорно служење на интересите на соседни земји (Грција и Бугарија), но и бесперспективно очекување ЕУ да ни помогне во решавање на нашите државнички проблеми. Ако ние како држава сами не се бориме за своја подобра меѓународна позиција, зошто тогаш некој друг би го правел тоа за нас?! Тоа беше иницијалниот момент којшто најпрво програмски во изборниот процес во 2024 година, а потоа и како владина политика во делот на надворешната политика го претстави во јавност претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер на државата-Христијан Мицковски. Оттука произлезе и неговата дипломатска офанзива со три посети на САД, работни средби во Брисел, Анкара, Будимпешта…, со цел да ја презентира новата про-активна политика на македонската држава, не само со конструктивни предлози за отпочнување на нашите преговори со ЕУ за полноправно членство,туку пред се,обмислено и внимателно презентирање на македонска опсервација на огромните промени во светската гео-политика. Јасната определба на Мицковски за европската иднина на Македонија, при што од исклучително значење ќе биде одвивање на успешен реформски процес во македонскиот општествен систем (во сите три подсистеми-форма на управување,економија и општествена надградба) и потенцирање на важноста на стратешкото партнерство со САД е камен-темелникот на македонската надворешна политика во иднина. Со доследност, принципиелност и посветеност кон нашата домашна задача на европскиот пат и елиминирање на тешкотиите произлезени од нерамноправните меѓународни договори со Грција и Бугарија, може да очекуваме да се промени сликата за Македонија од пасивен набљудувач на европските и светски процеси, во активен учесник во тие процеси со свои конкретни заложби и предлози, вели Ѓорчев.

Го прашавме Ѓорчев што значи дипломатската офанзива на Владата во однос на позиционирањето на Македонија на меѓународната политичка сцена.

-Секако дека еден ваков офанзивен стил на позиционирање на Македонија на меѓународен план ќе има позитивен долгорочен ефект, но,можни се и краткорочни исчекори во насока на взаемна македонска-европска иницијативност за брза пропулзија во процесот на преговарање за наше полноправно членство. Важно е да се анализираат различните ставови на челниците на земјите-членки на колективниот Запад ( по остварените средби и разговори) кон којшто и ние како држава припаѓаме. Тоа ќе ни овозможи да согледаме со кои држави имаме истоветни гледишта за меѓународната светска политика и да побараме подршка за нашите ставови, со коишто укажуваме дека билатеризацијата на процесот на проширување на Унијата нема да доведе до успешен епилог за сите земји кандидат-членки и земјите учеснички во преговарачкиот процес. Сосема спротивно, ќе ги направи уште повидливи разликите во националните политики на одделни европски држави коишто наместо кон европеизација на континентот во 21-от век не враќаат во 19-ти век и времето на национал-шовинизмите отелотворени во програмите на европските десни и леви популисти, посочи Ѓорчев во изјава за КУРИР.

Ѓорчев анализира дека актуелната Влада води атрактивна и конзистентна економска политика на поволности за странските инвеститори.

-Истовремено, вложената енергија при бројните средби со челници на европските држави и со државите од други континенти, ќе ни овозможи уште поголеми перспективи за промоција на можностите на македонската економија и презентација на нашата евтентична култура. Актуелната влада води атрактивна и конзистентна економска политика на поволности за странските инвеститори. Особено значење ќе има македонската емиграција којашто во голем број е присутна во  развиените европски земји-Германија,Франција,Белгија,Шведска…, но и во земјите од американскиот континент и Австралија. Потребен е огромен ангажман конечно да се искористи тој огромен потенцијал на македонските иселеници и да се преточи во кинетичка енергија на привлекување на нивни директни странски инвестиции во својата матична држава. Радува податокот што трета и четврта генерација на македонското иселеништво се уште го негуваат македонскиот јазик и имаат чувство на родољубие кон Македонија. Нивното вклучување во нашиот економски систем бездруго ќе биде најголем успех за Македонија, посочи Ѓорчев.

 

To top