Утрово министерот за внатрешни работи Панче Тошковски го посети граничниот премин Табановце каде на лице место ја утврди фактичката состојба поврзана со преминувањето на границата на возила и патници кон соседна Србија.
Од страна на раководните полициски службеници на граничниот премин министерот беше известен дека сѐ се одвива во најдобар ред согласно утврдените правила и дека граѓаните без проблем можат да остварат излез од државата кон Србија и со оние лични карти кои се со името “Република Македонија“, но се важечки според датумот на важност испишан на нив.
-Од страна на министерот Тошковски беше потенцирано она што во изминатите денови го соопштивме како министерство, а тоа е правото на граѓаните доколку бидат спречени да остварат излез, да добијат писмено образложение со причините за истото. Исто така, министерот кратко ги поздрави и одговорните полициски службеници од српската гранична полиција кои потврдија дека преминот на македонските граѓани се одвива непречено и во таа насока се заблагодари за одличната соработка која ја имаме како министерства, информираат од МВР.