Македонија На состанок на ОБСЕ

Лавров потврди дека ќе дојде во Скопје ако Бугарија дозволи прелет

Шефот на руската дипломатија рече дека Северна Македонија го поканила да присуствува на Состанокот на министрите за надворешни работи на ОБСЕ од 30 ноември до 1 декември.

Лавров потврди дека ќе дојде во Скопје ако Бугарија дозволи прелет

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска изјави дека ќе учествува на состанокот на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) во Македонија доколку Бугарија го отвори својот воздушен простор за руската делегација и дека некои западни земји веќе побарале да се сретнат со него.

Лавров, како што пренесуваат ТАСС и Ројтерс, изјавата ја дал на Форумот „Примаков“ во Москва.

Шефот на руската дипломатија рече дека Северна Македонија го поканила да присуствува на Состанокот на министрите за надворешни работи на ОБСЕ од 30 ноември до 1 декември.

-Очигледно Бугарија ѝ вети на Македонија дека ќе го отвори нејзиниот воздушен простор – ако тоа се случи, тогаш ќе бидеме таму. Ајде да видиме, изјави Лавров.

Во меѓувреме, портапаролот на Европската комисија Петер Стано изјавил дека патувањето на Лавров во Скопје не би претставувало кршење на европските санкции против Русија.

– Рускиот министер за надворешни работи Лавров може да отпатува во земја на ЕУ или во Северна Македонија, и покрај тоа што е на европската листа на санкции наметнати на Русија поради војната во Украина. Земјите од ЕУ можат да дозволат прелетување на авионот на Лавров, како и властите во Скопје да издадат дозвола за слетување и учество на состанокот, тоа нема да биде прекршување на санкциите. Ова ќе ни даде можност да застанеме очи во очи со Лавров и да разговараме за лагите што тој ги шири, кажал Стано на брифинг во Брисел.

Според него, на ваквите средби ЕУ може да ја претстави својата визија, а санкционираните да одлучат да го променат своето деструктивно однесување.  (МИА)

Најнови вести од Македонија

To top