Доколку направите анкета, внесувањето на Бугарите во уставот не е најгорливото прашање. Напротив корупцијата, криминалот и владеењето на правото се најгорливите проблеми, а тоа се фактички и европските вредности кон коишто ние целиме, но домашната задача не си ја пишуваме, рече Благица Ласовска, пратеник во Собранието од ВМРО-ДПМНЕ на вечерашното гостување во емисијата „Клик Плус“ на ТВ 21 говорејќи околу тоа дали како што тврди власта вметнувањето на Бугарите во Уставот е толку едноставно и единствена пречка на патот кон ЕУ.
„Морам тука да потсетам дека оваа коалиција моментална што е на власт дојде на бранот нема правда нема мир, општество за сите итн., но седум години апсолутно никој не ги спречуваше истото да го имплементираат. Верувајте дека многу полесно и со многу подостоинствено чувство ќе влезевме во преговори со големите европски држави и можеби, ќе добиевме подобар предлог“, додаде Ласовска.
Таа додаде дека е зачудувачки како власта со толкава леснотија настојува за внес на Бугарите во Уставот кога внесувањето на истите на ваков начин под бугарски диктат повлекува многу други консеквенции.
„Мислам дека гласното мнозинство на граѓани на Република Македонија ни дава на нас за право да не ги гласаме уставните измени, односно внес на Бугарите во Уставот. Многу е лесно тоа да кажете внесете ги Бугарите во Уставот, што ве кошта, тоа се 3 илјади и не знам колку. Не е така, и самите знаете дека тоа повлекува и други консеквенции по идентитетот на Република Македонија и по идентитетот на Македонците. Просто е неверојатно како некој со неверојатна леснотија го кажува тоа, а се работи за историски комисии и тоа се ретроградни процеси коишто не носат напред“, потенцираше Ласовска и додаде:
„Мнозинството граѓани бара да влеземе во Европската Унија и ние не велиме не, но вака под бугарски диктат, тоа е општ познат наш став којшто како став ќе го пренесеме и сега на изборите и ќе ги слушнеме граѓаните што ќе кажат“.