Неписменост или лош „гугл-транслејт“ на набрзинка склепаното од српската пи-ар агенција „Прагма“, која во Белград како на некаква хејтерска брза лента ги „штанца“ мизантропските и патетични соопштенија на СДС?
Оваа дилема неминовно се наметнува по денешното лиферување на ултра-бајатите наративи на прес-конференцијата на портпаролката Богданка, која деновиве прозвана дека цела недела го остава Филипче сам да вергла по прес-конференции, собра сили и конечно се појави за да прочита едно мизерно писание, преполно со граматички грешки и вчерашни и завчерашни инфантилни тези, безидејни глупоштии со кои СДС Заевистичка постојано го контаминира македонското општество и етер.
Прво, започнаа со грешка во самиот наслов кој беше: „Дефокус, линк и црна кампања, хронологија на политиката на ВМРО“, за да за две минути се корегираат и преиначат во „Дефокус, линч и црна кампања, хронологија на политиката на ВМРО“. Арно ама, цели ДЕВЕТ урнебесни правописни грешки останаа и во втората верзија. Тоа не е битно, битно е да се спаси бестрашниот лидер, да ги има во етерот, макар и со дежа ви, макар биле досадни и неинвентивни, макар му газеле по нерви на македонскиот народ…
Се’ и се’ за одбрана на безгрешниот им лидер Филипче, кој нема абер со рекетот во „Жан Митрев“, има златна виза затоа што е најубав, немал за дар џипиште од 130.000 евра, нема ни хациенда на Нерези, ниту стан во Дубаи, не е поврзан со криминалот во Модуларниот пекол во Тетово, ниту со бонбона-бизнисот со корона-вакцините, уште помалку со облакодерите на Заев во Дубаи, најмалку со фирмата на Вице во Ќустендил која м’кнеше прескап јаглен од Грција, а можеби саде малку, трошка со зимувањето во Сент Мориц во исто време додека Македонија (според нивниот исказ) тонеше и гореше од „лошата“ и пропагандистичка ВМРО.
Денеска, СДС неписмена се надмина себеси, а грешките го обликуваа сублимираниот „прес“ во форма на швајцарско сирење. Ете им и прилика и добра шанса, после српските „врски“, да си измислат и швајцарски конекции.
Уживајте во шарадата и пародијата на некогаш, „државотворната“, а денеска НЕПИСМЕНАТА партија од Бихаќка:
–Седејдневно,
–коалиијата ВМРО-ЗНАМ,
– фирма со двајца врабоени,
-евра преку Пошта за фрима блиска до ЗНАМ,
-Во тој период стиигна,
-поради корупцски скандал со ИПАРД 3,
-проневера на еврпски пари,
-Сент Мориц, Венеција, што ли не змислија,
-Кучињата лаат – ранаванот си врви,
Со оваа народна мисла завршуваат ненародните СДС и Богданка.
За нивна жал, „Кучињата“ и натаму ќе лаат, а „РАНАВАНОТ“ на СДС и натаму ќе ВРВИ, во рикверц…
П.С.
„О писменех“ (За буквите) е трактат на Црноризец Храбар од 9-от век. Славистите претпоставуваат дека зад Црноризец Храбар се крие Наум Охридски.
„О неписменех“ (За северџаните) е прес-конференција на СДС од 21-от век. Македонистите претпоставуваат дека зад овој неписмен акт се крие српската ПР Агенција „Прагма“.
Не е на одмет, дотичните СДС „преведувачи“ на оригинално сроченото на српски да се вратат во второ одделение и да научат да пишуваат.
Во прво, би било уште подобро.
