За поставениот 15 метарски крст на имотот на манастирската црква „Свети Наум Охридски Чудотворец“ на Попова Шапка реагираа политички партии и Општина Тетово.
Советничката група на ДУИ одржа прес-конференција и побараа образложение од Општина Тетово за поставувањето на крстот. Демократската унија за интеграција смета дека поставувањето на крстот е сериозна провокација која ги нарушува вредностите на социјална кохезија и бара од институциите во државата да ги преземат сите неопходни институционални мерки за негово отстранување од Попова Шапка и казнување на оние кои дозволиле такво нешто.
Општина Тетово испрати соопштение до јавноста во кое вели дека општинските инспектори биле на терен за да ја проверат фактичката состојба и да извршат проценка, според која ќе бидат преземени законски мерки за гарантирање на целосно спроведување на правилата и процедурите.
-Општина Тетово сака да даде појаснување околу поставениот крст на Попова Шапка. Истиот е поставен без соодветна дозвола. Општина Тетово во овој случај ќе ги почитува сите законски процедури, како што тоа го правеше и досега, велат од Општина Тетово.
Од црковниот одбор при манастирската црква Свети Наум Охридски Чудотворец на Попова Шапка информираат дека крстот е поставен како верско обележје и претставува урбана опрема.
-Крстот не е поставен на државен имот. Крстот е поставен на црковно земјиште, како верско обележје и претставува урбана опрема, информира Богосав Божиновски, член на црковниот одбор.
За случајот реагираше и ВМРО-ДПМНЕ.
– Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ вечерва ќе одржи итна седница по повод притисоците на институциите предводени од ДУИ и СДСМ насочени кон кршење на Уставот и правото со кое се гарантира слободата на вероисповеста и изразување на верата на Македонците во Тетово. Сметаме дека неовластеното и спротивно на закон присуство на бројни државни институции во црквата Свети Наум Охридски на Попова Шапка е директен притисок насочен кон создавање на тензии помеѓу граѓаните, се вели во соопштението на ОК ВМРО ДПМНЕ Тетово.
Црквата е изградена во 1993 година.