Одбиено е барањето од одбраната за замена на мерката притвор со куќен притвор за таткото на 14-годишната Вања Ѓорчевска, Александар Ѓорчевски кој е осомничен за „грабнување“.
-Судија на претходна постапка, по предлог на одбраната на А.Ѓ. осомничен за кривично дело Грабнување од чл. 141 ст.2 вв ст.1 од КЗ, а поврзано со убиството на малолетната В.Ѓ. и велешанецот П.Ж., за замена на мерката притвор со куќен притвор, по добивање на мислење од надлежниот Јавен обвинител, донесе решение со кое предлогот на одбраната се одбива. Против ова решение странките имаат право на жалба до Кривичниот совет, стои во соопштението од Основен кривичен суд Скопје.
Основниот кривичен суд на почетокот од јануари, го продолжи притворот на петмина осомничени за киднапирање и убиство на 14-годишната Вања Ѓорчевска и на 74-годишниот Панче Жежовски. Тројца од нив се осомничени за двете убиства и киднапирања, таткото на Ѓорчевска е осомничен за грабнување на ќерка си, додека еден е осомничен дека му помогнал во бегството на првоосомничениот Љупчо Палевски, кој се наоѓа во екстрадиционен затвор во Турција.