Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, на гостување на поткастот „Проверитас“ истакна дека едни исти ликови коишто се крајно корумпирани се водачите на опозициската СДС, којашто ја заглави Македонија во калта, од која сега ВМРО-ДПМНЕ ја вади Македонија на вистинскиот пат.
„СДС ниту работи на програмско освежување, ниту работи на својата идеологија, која веројатно им е изгубена некаде по пат по поразите, ниту пак работи на кадровско освежување. На луѓето им здосадено гледајќи ги едно исти ликови кои се крајно корупмирани, и коишто во изминатиот период покажаа дека со својата неспособност и со својот полтронизам ја заглавија Македонија во калта и ВМРО-ДПМНЕ сега треба да ја извади на пат во којшто сите веруваме дека треба да одиме, а тоа е Европската Унија“, посочи Ковачки.
Тој истакна дека во моментот главната опозициска партија СДС, не работи на програма и визија, ниту пак на својата идеологија.
„За да имате опозиција треба да имате идеолошка опозиција, јас не гледам идеолошка опозиција од другата страна, тука е проблемот. Кадровската понуда којашто се нуди на граѓаните од другата страна е девастирана, структура којашто не може да доминира, односно не може да биде понуда и алтернатива на политиките на ВМРО-ДПМНЕ“, заклучи Ковачки.