Во Социјалдемократскиот сојуз на Македонија веќе е завршена постапката на предлагање на кандидати за пратеници. Во моментов се водат разговори со коалициските партнери за распределбата на пратеничките места и во рамки на партијата се врши селекција на кандидатите. Ова го изјави претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, по завршувањето на трибината „Гласна и храбра – Ти ја продолжуваш борбата“ во Музејот на современата уметност.
Во врска со тоа дали на кандидатските листи за пратеници ќе има зголемен број на жени, Ковачевски вели и во овој пратенички состав на СДСМ има поголем број на жени пратеници, отколку мажи.
– Ние и сега имаме повеќе пратенички жени во Собранието во пратеничката група, отколку мажи. Така што, минимумот од 50 отсто сигурно ќе биде застапен на пратеничките листи, може ќе биде повеќе од 50 отсто, но сигурно нема да биде помалку, рече Ковачевски.
Посочи дека во наредните две недели, во рамки на законските рокови, ќе ги комплетираат пратеничките листи кои ќе бидат презентирани на Конгресот од страна на Извршниот и Централниот одбор.
Од општинските организации предложени се околу 1000 кандидати, вели Ковачевски, од кои 700 имаат поднесено свои кандидатури со целата потребна документација.
– Ние веќе имаме одлука за закажување на два конгреси, едниот веќе се одржа за номинирање на претседателски кандидат, господинот претседател на Северна Македонија, Стево Пендаровски уште еднаш ја доби поддршката од СДСМ и според одлуката на ЦО и роковникот и правилниците, точниот датум и местото на одржување на Конгресот, исто како и претходниот ќе биде закажано од страна на секретарот кој што е задолжен во координација со раководството и ИО по завршување на сите процедурални работи, во однос на кандидирањето и селекцијата на кандидатите, рече Ковачевски.