Македонија

Ковачевски: Сметам дека ги исполнив ветувањата што ги дадов во моето експозе во Парламентот во јануари 2022

Ковачевски: Сметам дека ги исполнив ветувањата што ги дадов во моето експозе во Парламентот во јануари 2022

Лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски смета дека ги исполнил ветувањата што ги дал во експозето во Парламентот кога во јануари 2022 година ја презел функцијата премиер на државата. Одговарајќи на новинарско прашање дали политичарите ја кажуваат вистината, во контекст на Денот на шегата, тој нагласи дека политичарите имаат „неблагодарна работа да мора ги водат јавните политики кои не се секогаш едноставни бидејќи го засегаат целото општество“.

На средба со граѓански организации организирана од Секретаријатот за европски прашања, Ковачевски нагласи дека владата ја водел „веројатно во најтешките услови по Втората светска војна“ и, сепак, го исполнил ветувањето дека „во таква криза никој нема да остане сам“.

Посочи дека било обезбедено парно греење за скопјани што го немало во јануари 2022 кога станал премиер, како и електрична енергија без ценовен шок.

-Да обезбедиме зголемување на пензиите и на платите и тоа успеавме да го направиме, иако е тешко да ја скротиме 20-процентната инфлација на 3 проценти и денес имаме веќе 10 месеци по ред 3-проценти инфлација, истакна Ковачевски.

Уште една голема работа на која е горд, рече, е тоа што во неговиот премиерски мандат „по 17 години чекање успеавме да го откочиме процесот на европски интеграции, да ја одржиме првата меѓувладина конференција, да имаме Преговарачка рамка и тоа со заштитен македонски јазик, со заштитен македонски идентитет, со заштитена македонска култура…и целото законодавство на ЕУ веќе се преведува на македонски јазик“.

-Секако дека имало ветувања кои не биле остварени. Не постои безгрешен човек, не постои безгрешна организација, и затоа мора да се работи уште понапорно, мора да се работи уште попосветено за се она што не беше направено да биде направено во наредниот четиригодишен мандат, во кој јас верувам дека повторно граѓаните ќе ја дадат довербата на СДСМ, рече Ковачевски.

На истото новинарско прашање за искреноста на политичарите и исполнувањето на ветувањата, првиот вицепремиер за европски прашања Бојан Маричиќ рече дека има два вида политичари: „едни навикнати да лажат и да се шегуваат со очекувањата и со надежите на граѓаните и други кои ја говорат вистината и се борат за остварување на очекувањата и заложбите на граѓаните“.

-Јас и претседателот Ковачевски припаѓаме на оваа втора група којашто секогаш ја кажува вистината, дури и кога не е пријатно и кога е тешко и се залага заложбите на граѓаните да бидат остварени. Низ годините сме виделе дека заблудите, лагите и поигрувањето со нашата иднина и со нашите приоритети како држава, граѓаните го имаат скапо платено. Значи, граѓаните скапо ги имаат платено и лагите, и манипулациите, и заблудите на ВМРО-ДПМНЕ. И затоа мислам дека секој политичар треба да биде што поискрен, да говори поотворено и да се бори за заложбите за граѓаните, рече Маричиќ.

Најнови вести од Македонија

To top