Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, на денешната седница за пратенички прашања во Собранието на Република Северна Македонија рече дека грижата за граѓаните е преку дела, што го покажува и денешното враќање на евтината тарифа на струјата за просечна потрошувачка на електрична енергија во блок 1 и 2, веднаш штом се создадоа услови за тоа.
„Од денеска стартува повторно дневната евтина тарифа за електрична енергија. Граѓаните ја добиваат можноста за евтина струја од 13 до 15 часот. Со тоа се обезбедуваат заштеди од над 1.000 денара месечно, за секое семејство.
Гледате дека инвестициите во обновливи извори на енергија коишто се правеа во текот на изминатите две години во мандатот додека јас сум претседател на Влада, овозможи сите граѓани да имаат бенефит. Инсталирањето на 600 мегавати обновливи извори на енергија овозможи од 13 до 15 часот да имаме евтина тарифа за граѓани и да можат да заштедат над 1.000 денари месечно. Е така една одговорна влада, со јасна стратегија, се грижи за стандардот на граѓаните.
Ова е важно, бидејќи беше едно од клучните ветувања на граѓаните, што го спроведовме. Беше прекинато на одреден период заради светската енергетска криза, кога воведовме низа и дополнително други мерки со коишто ги субвенциониравме сметките за струја и уште ја субвенционираме во износ до 90%.
Но од денеска, вратена е евтината тарифа на струјата, што е резултат на инсталирањето фотоволтаици коишто овозможија да се ослободат евтини часови за струја за домаќинствата од 2 часа, во текот на секој ден. Тоа е факт којшто треба сите да го знаат и факт против којшто никогаш нема да може да дојде никаков демант. Јас сум среќен за она што го направивме во текот на изминатите две години и среќен сум што граѓаните ќе имаат пониски сметки за електрична енергија“, рече премиерот Ковачевски.