СДСМ веќе отпочна процедура за номинација на можни кандидати за претседател на државата, вчера беа одржани и првите состаноци на ниво на општински раководства, а се очекува да започнат процесите на номинација во сите месни организации, информира премиерот Димитар Ковачевски.
Тој на денешната прес – конференција по отворањето на поликлиниката во Сарај одговорајќи на новинарски прашања рече дека претседателот Пендаровски успешно го извршува својот мандат, но дека не може да прејудицира кој ќе биде предлог кандидат за следните избори.
-Јас неколкупати имам кажано дека во таа номинациска трка сите можни кандидати имаат еднаква стартна позиција, бидејќи така налага статустот на СДСМ. Што се однесува до Пендаровски тој успешо го извршува својот претседателски мандат, се држеше до вредностите за кои се залагаат коалиционите партнери ја поддржа неговата кандидатура кога беше избран за претседател. Исто така ги поддржуваше евроинтеграциите на државата и сметам дека сите граѓани ги третираше еднакво без разлика на нивната припадност по кој било основ. Во моментов можам да зборувам за тоа какви вредности треба да дели кандидат кој би бил поддржан од коалицијата, но не можам да прејудицирам кој ќе биде кандидатот затоа што тоа би било неетички и неблагодарно, посочи Ковачевски.
Претседателот Стево Пендаровски синоќа во телевизиско интервју изјави дека максимум во втората половина на февруари ќе се изјасни дали ќе се кандидира за втор претседателски мандат.