Поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски кој е осомничен во случајот „Адитив“ не се откажал од македонското државјанство. Ова денеска го потврди министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
-Посоченото лице е во рамки на регистерот на државјани на Македонија, истото е македонски државјанин и не побарало отпуст согласно информациите кои ги имам во овој момент, истакна Тошковски одговарајќи на новинарско прашање.
Министерот додаде дека лицето не е достапно на органите на прогон.
-Органите на прогон ќе сторат се во рамки на нивната законска наджелност да постапат, се со цел истото да биде изведено пред лицето на правдата, изјави тој.
Тошковски изрази голема благодарност до полициските службеници кои работеле на овој случај.
-Се работеше интензивно, подолг временски период. Само во текот на вчерашниот имаме над 30 претреси извршено на домови и на други простории. Два претреси се извршени во рамки на отворање на сефови кои се поврзани со дел од приведените лица. Оваа акција беше сеопфатна и досега е најголема која е спроведена во Македонија од аспект на штета на државниот буџет која е сторена при една енергетска криза кога граѓаните крпеа крај со крај, нагласи министерот за внатрешни работи.
Министерот вели дека постојат сомненија и огромен број докази дека „она што е наплатувано е плаќано најмалку трипати повеќе од реалната цена“, но најстрашно во оваа постапка е што освен тоа што има фингирани понуди при отпочнување на процесот на јавната набавка. Според него, адитивите набавени во ТЕЦ „Осломеј“ воопшто не се потрошени, додека во РЕК „Битола“ само пет отсто од нив е потрошено.
– Освен што е платено трипати повеќе од она што требало да се плати и она што било како пазарна цена, освен што имаме фирми коишто до вчера се занимавале со продажба на канцелариски материјали и наеднаш влегле во сферата на голема трговија со адитиви, освен што немаме ниеден вработен во фирмите, освен што предметните правни лица секогаш побарувале во рамки на тендерската документација фирмата да исполнува услови, односно да има обрт соодветен барем на буџетот во рамки на конкретната тендерска постапка, а не притоа да го исклучат тој услов во рамки на спроведување на истата, она кое што е набавено во ТЕЦ „Осломеј“ ниеден отсто не е потрошено, односно нула отсто адитивите се ставени во функција, а во рамки на другото правно лице, мислам дека беше РЕК „Битола“ 95 отсто од ….. за време на енергетска криза. И после ние ќе говориме дали имало душманско крадење на парите на народот. Ај што имало душманско крадење, туку тоа било толку многу дрско што си дозволувале на еден ваков бесрамен начин да ги прават овие работи, рече Тошковски.
Најави дека ќе реагираат на сите сознанија за корупција и криминал. – Не смееме да дозволиме на грбот на граѓаните одредени лица, поранешни функционери да купуваат луксузни возила, да градат скапи хациенди, да имаат милионски суми на сметка во евра, а притоа тоа сето да го сторат во рамки на една нелегална, дрска, душманска постапка на крадење на парите на граѓаните и нема да го дозволиме тоа. За сите оние за коишто има основани сомневања дека сториле ваков тип на кривични дела експресно ќе бидат спроведени постапки почитувајќи ги принципите на пресумпција на невиност, почитувајќи ги сите процедурални правила на игра, почитувајќи ја процесната правда, но пораката мора да биде јасно упатена до сите дека криминалот на сметка особено на парите на народот е неисплатлив, рече Тошковски.
Најави дека сето она што во оваа постапка е одземено или пак ќе следи во насока на замрзнување на имоти ќе биде конфискувано.
Во акцијата „Адитиви“, како што потенцира, се одземени приближно околу 220 илјади евра во кеш во различни валути и доколку се докажат сомневањата кои се поткрепени со докази, тогаш тие ќе бидат предмет на конфискација и ќе бидат вратени во државниот буџет.
Првичната штета, вели Тошковски, се претпоставува дека е 6,5 милиони евра, но тој не застанува на таа сума. Некој, додава тој, ќе треба да ја плати и штетата што е направена на енергетскиот сектор.
– Икрено од информациите коишто ги имам не би застанал на таа вредност, односно постојат основани сомненија дека ова што е набавувано како во вредност на злато, а притоа не е употребено во 95 отсто од ситуациите, тие 5 отсто кога било употребено сторило дополнителна штета на блоковите и такви основани сомненија постојат. Доколку се докаже дека е сторена дополнителна штета при работењето на правното лице, таа штета ќе треба да ја плати, рече министерот за внатрешни работи.
Тошковски денеска присуствуваше на настан на Комората за приватно обезбедување на тема поврзана со инклузивност на жените во безбедносниот сектор.
– Истакнавме дека жените во рамки на МВР кога говориме за менаџерските позиции веќе ги има на повеќе од 45 отсто од позициите, така што несомнено улогата на жената во рамки на менаџирањето и тоа како е потврдена во функционирањето во рамки на МВР. Исто така, потенциравме кое значење го има улогата на жената и во менаџирањето во рамки на сите оние правни лица коишто се занимаваат со обезбедување на имот и лица, рече Тошковски.