Јас сум револтиран и згрозен од овој и ваков незаконски чин на луѓето од безбедносните служби (АНБ, Агенцијата за национална безбедност и МВР). Инаку, овој мој став сум го објавил одамна кога дознав дека од 2018 година па до крајот на владеењето на политичкиот “двоец без кормилар“ – СДСМ-ДУИ, а тоа е “темниот период“ на владеење на овие партии, се прислушувани, следени и во одделни случаеви и малтретирани, граѓански активисти, новинари, опозициони активисти, пратеници и членови на раководството на ВМРО-ДПМНЕ.
Ова го истакнува аналитичарот Сотир Костов во изјава за КУРИР по големиот скандал кој беше обелоденет од АНБ. Внатрешната истрага довела до сознанија за оформување предмети за оперативни обработки на опозицијата, лидер на опозициска партија и група новинари и медиуми чија цел, според предметот, била уривање на власта.
-Станува збор за неуставно и противзаконито функционирање на безбедносниот систем во Република Македонија, и тоа, како по правило, секогаш кога на власт се господата од СДСМ. Почна со епохалното “Отвори! Отвори! Отвори!….“, едно десетина, петнаест пати повторувана реплика од “специјалната“ Катица, продолжи со срамно понижување на пратеници со имунитет (при приведување, испитување, притворање, малтретирање во притвор, уценување за гласање при промена на Устав и име на Република Македонија и сл.), користење на криминалци како “агенти провокатори“ и прислушување на активистите на „Бојкотирам!“, на членовите на граѓанската мрежа СУМ (Сите за унитарна Македонија) и на членовите на патриотските здруженија. Тоа беше и се уште е невидена брука, најголема срамота и нешто непримерено и неспоиво со демократијата, плурализмот и уставно загарантираните права и слободи на граѓаните. Па така почнаа да се множат терористи и “лица опасни за безбедноста на државата“, а всушност тоа беа граѓански активисти, уметници, луѓе од културата, на кои на преден план им беше заштита на националните и државните интереси на Македонија, заштита од луѓе кои на шверцерски начин одржаа седница на парламентот (без потребен кворум), незаконски и неделовнички избраа претседател на парламентот, а подоцна и фалсификуваа безбедносно/разузнувачки документи (ги извртуваа фактите од реалноста – кои се гадости и подлости им ги правеа на Миле, Спире и Горде), кои спротивно на Уставот и Законот за кривична постапка ги употребуваа во судски постапки, вели Костов за КУРИР.
Тој анализира и оценува дека на тој криминален начин ненародната власт влезе во “сива зона“ на беззаконие.
-Зона во која безбедносната мафија направи невиден хаос, во кој царуваа забеганите политички елити на СДСМ и ДУИ, кои преку институционална корупција и организиран криминал 7-8 години ја уништуваа Македонија во секој поглед (економски, социјален, правен, политички, морален). А токму во таа лимбо состојба, главен збор водеа темните и деструктивни луѓе (viri opscuri), луѓе од одметнатите групи безбедњаци и разузнувачи, од типот на Ременски и дружината му, кои се полициски и безбедносни кетмани, луѓе со заробен ум, луѓе кои во кафканијаски, орвеловски и сталинистички начин (Методот на сталинизмот) го “разбиваат човекот на две личности“ (Карл Јасперс). Тоа го правеа така што, бессрамно еднократно ги употребуваа луѓето за нечесни цели, при што безочно ги понижуваа, вели Костов.
Го прашавме дали очекува конечно Јавното обвинителство да преземе нешто.
-Од ова јавно обвинителство на Љупчо Коцевски, и вакво јавно обвинителство, кое е инертно, неиницијативно и тромо, во поглед на започнување на јавнообвинителски постапки, и јавно обвинителство кое е нестручно и некомпетентно, во смисла да спроведе вистинска и навремена јавнообвинителска експертиза за откривање и спречување на кривични дела и нивни сторители, не очекувам ама баш ништо. Кој ќе ги гони, истражува и обвинува обие забегани безбедњци? Љупчо Коцевски? Не! Тој е поставен да ги сокрие сите нивни безбедносни гом*арии. Гаврил Бубевски? Јок! Тој се уште не е оправен од шокот и понижувањето што му го приреди Оливер Спасовски како министер. Ислам Абази? Ни случајно! Па тој сиромав глава не може да дигне од Али Ахмети. Потребен е нов државен јавен обвинител, кој ќе го проветри и прочисти јавнообвинителскиот систем (по вертикала и хоризонтала), при што ќе се ослободи од “дивото месо“, јавните обвинители од поранешното СЈО, и секако од коруптивните и понизни (послушници) јавни обвинители. Тогаш може да отпочне вистинскиот, на Устав и закон заснован, прогон на сторители на кривични дела, сокриени во темните соби во АНБ и Агенцијата за национална безбедност, во лавиринтите на самото јавно обвинителство, во Парламентот на Р. Македонија, а богами и Дубаи или Грција. Само тогаш и на тој начин има шанси пред законот за одговараат сторителите на кривични дела кои ги загрозиле нашите комуникации (приватни, службени, општествени) и не загрозиле нас самите како физички лица и личности со интегритет, порача Костов.