Приказните, сказните, бајките, поговорките и изреките се народна мудрост. Пораки и поуки од минатото, од нашите предци, до денешнината, до нас, денешните генерации. Богатата ризница што ја сочинуваат е мошне интересна и поучна. Во неа се кристализирани целата меморија, големата мудрост и умот на македонскиот народ. Тоа е најголемото и најскапоценото наше наследство низ вековите. Во него е содржано се што народот рекол и запишал за доброто и злото, за слободата и ропството, за правдата и неправдата, за маката, за заканите, насилството, за лагите, измамите и манипулациите, за среќата и радоста…. и за сé што му се случувало, што трпел, истрпел и опстојал. За сите овие доблести/вредности и пороци/маани ќе проговори Народниот Гениј преку пословици, поговорки, изреки, обичаи, басни, гатанки, сказни, приказни, благослови, здравици, заклетви, броеници, прашанки, легенди и по некоја клетва. Зошто? Па затоа што сето тоа е неисцрпен извор на народни творечки креации. Затоа што Народниот Гениј низ вековите создал народни умотворби достојни за почит кон него. И сега одиме, т.е. полетуваме.
Мотивиран од актуелноста на македонскиот документарец (кандидат за Оскар) “Приказната за Силјан“, и со намера да направам второ заокружување со пораките до вас драги мои пријатели, денес ќе ви го претставам есејот (кратката верзија) со кој десетина години едуцирам млади лидери, со помош на пораките и поуките од нашето многувековно народно богатство и наследство, создадено од нашиот напатен народ(селанец, поп, учител…). Најдобро полетување, според мене, е полетувањето со најпознатата птица од нашето поднебје, Силјан Штркот.
Сите знаеме дека приказната за Силјан Штркот е најдолгата и најпознатата македонска народна приказна (волшебна сказна/парабола за човечката судбина). Таа е Олимпот на народната проза. Со право се вбројува меѓу најдобрите дела на светската литература. Сепак, многумина за оваа народна сказна велат дека во неа се вградени проникливоста и умешноста на нашиот најучен и најмил дедо – дедо Цепенко од Прилеп.
Приказна за преиспитување на Силјан (секој човек) и за неговото пробразување (од непослушен) во добар, свесен човек, човек со вредности, морал и совест. Во потесен контекст, тоа е приказна за семејството (на Божин од с.Мало Коњари), како најважна клетка на македонското општество. Приказна за вредностите на човек, кои пред се´ се огледаат во односот кон семејството, кон родителите, кон децата и кон домаќинлукот. Но, и приказна за клетвите, изречени кон одредени (непослушни, неблагодарни, неодговорни, подзабегани) членови на семејството и заедницата.
Во поширока смисла се работи за приказна за христијанството, за отпорот кон отоманските поробувачи и за истрајноста во таа борба. Приказна против лековерноста и поука за чувство на совест. Поука дека не треба да се отфрла традицијата и пример како треба да се почитуваат корените.
Дефинитивно оваа приказна во уметничка форма е филозовски трактат, каде наоѓаме тврдења дека човекот може да се потпре само врз себе. Нема чуда, нема волшебни и пократки патеки до човечката супстанција. Треба макотрпно да се работи врз себе и врз сопствената личност.
Само така се станува личност во вистинска смисла на зборот. Само такви личности можат скепсата да ја претворат во верба, и само такви личности имаат желба рационалното да го издигнат над ирационалното, и имаат копнеж да надвладее доброто над злото.
Токму такви се личностите кои го запалија огнот на народната просвета и духовните вредности (преродбениците) во Македонија. Токму такви се личностите кои го разгореа огнот на националниот отпор и борбата за национално ослободување на Македонија и Македонците (Комитите и војводите на Илинден и борците и хероите на НОБ/НОВ и државотворците на АСНОМ).
Народните приказни голем Ум даваат.
Ајде да се обидеме и ние да бидеме барем малку подобри отколку што сме.
Сотир Костов
П.С.
Секоја евентуална асоцијација, на дел од напишаното во есејот, со актуелната забеганост, неодговорност и ширење на страв и хаос од страна на поединци и групации, во денешниот актуелен миг во Македонија, е случајна и ненамерна.