Посветеноста на оваа Влада во борбата против криминалот не е декоративна туку суштинска. Еден од доказите е обвинението за Онкологија, оценува директорот на ФЗОМ, Сашо Клековски кој синоќа беше гостин во НАТКАСТ кај Љупчо Цветановски на КУРИР.
-Таму се обвинети медицинскиот и економскиот директор на клиниката за Онкологија и уште два доктори. Морам да кажам дека колку мене ме држи сеќавањето, надвор од индивидуални случаи на мито, значи доктор што земал пари од пациенти и неколку случаи на груби лекарски грешки како влегување пијан во операциона сала, јас не памтам да имало обвинение против лекари. Не памтам и обвинение за овој тип на криминал. Зборуваме за злоупотреба на работните места за тргување на лекови на црниот пазар. Црниот пазар на лекови на Балканот е високо развиен, тоа не е македонска карактеристика. Важно е сите земји во регионот, вклучувајќи ја и Македонија силно да се борат против црниот пазар на лекови. Сите количини на лекови на црниот пазар се лекови кои се ускратени некому на легалниот пазар. Сите бевме во големо исчекување на ова обвинение, секако обвинението не е добиен судски процес и осудени виновници, но мислам дека е порака до сите оние луѓе кои што беа во криминал дека таквите работи се завршени, рече Клековски.
Тој посочи дека неказнивоста во здравството и сите подрачја мора да заврши.
-Ние еднаш мора да направиме преседан, да го раскинеме ланецот на неказнивост. И мислам дека сме на добар пат, посочи директорот на ФЗОМ во Наткаст.
Целото негово гостување погледнете го во видеото во продолжение