Македонија Интервјуа КУРИР ИНТЕРВЈУ

Китански: Целта ми е туризмот да стане двигател на локалната економија во Пехчево и дополнителен мотив младите да останат и работат овде

-За мене многу важно програмата да не биде само хартија, туку реален план кој ги одразува вистинските потреби на луѓето. Затоа и секој предлог што сме го добиле од граѓаните е внимателно разгледан и вграден во програмата, рече Китански.

Китански: Целта ми е туризмот да стане двигател на локалната економија во Пехчево и дополнителен мотив младите да останат и работат овде

ВМРО-ДПМНЕ на претстојните локални избори од граѓаните на Пехчево довербата ќе ја бара со актуелниот градоначалник Александар Китански. По четири години успешна работа, градоначалникот е подготвен за реизбор. Неговата цел е сите граѓани во општината да имаат подобри услови за живот, а на втората кандидатура од владејачката партија гледа како на чест, но и голема одговорност.

-Фактот што ВМРО-ДПМНЕ ме номинираше како свој кандидат за градоначалник на Општина Пехчево по втор пат, го доживувам како голема чест, но и уште поголема одговорност. За мене тоа е доверба, која произлегува од работата што досега сум ја реализирал заедно со граѓаните и за граѓаните. Верувам дека со посветеност, отчетност и заедничка соработка ќе успееме да продолжиме да го развиваме Пехчево во вистинска насока. Оваа номинација ја гледам како поттик да дадам уште повеќе од себе и да ја оправдам довербата на мојата партија, а пред сè довербата на сите сограѓани. Убеден сум дека со јасна визија, со работа и со искрен дијалог со граѓаните, можеме да ги надминеме сите предизвици. Мојата цел е: Пехчево да биде општина во која младите ќе ја гледаат својата иднина, а сите генерации ќе имаат подобри услови за живот. Оваа номинација ја доживувам како потврда дека сме на добар пат, но и како обрврска дека мора да продолжиме уште подобро и уште посилно, рече тој во интервју за КУРИР.

Инфраструктурата, образованието, младите беа дел од неговите приоритети. Го прашавме на кои проекти е особено горд од она што е спроведено изминативе години.

-Во првиот мандат посветено работевме на подобрување на условите за живот на граѓаните на Општина Пехчево. Особено сум горд на проектите со кои се подобри инфраструктурата-реконструкцијата на локалните улици и патишта, како и инвестициите во водоснабдувањето. Големо значење им дававме и на образованието и младите, па затоа реализиравме повеќе проекти во училиштата и детската градинка. Верувам дека токму тие дела се потврда дека кога се работи посветено и транспарентно, резултатите се видливи и за граѓаните. Тоа ми дава дополнителен мотив и во иднина да продолжиме уште посилно. Можам слободно да кажам дека долго побаруваниот проект од страна на населението „Реконструкција на локалниот пат Чифлик – Умлена и Умлена – Робово“ е дел реализиран, а дел во фаза на реализација, како и „Реконструкција на улица Индустриска“ која беше во многу лоша состојба. Во однос на водоснабдувањето реализацијата на проектот „Водоводен цефковод во туристичката населба Равна Река – Пехчево“ е од големо значење за развојот на туризмот во општината, исто така и уредувањето на рекреативниот центар во туристичката населба Равна Река – Пехчево. Има уште многу реализирани проекти во мојот четиригодишен мандат, но овие три ќе ги издвојам како најголеми капитални проекти, истакна Китански.

Општина Пехчево ќе добие финансиска поддршка од Владата за два капитални проекти за развој на општината. Китански верува дека ефектите ќе бидат видливи многу брзо и дека граѓаните директно ќе го почувствуваат бенефитот. Ни откри и за какви проекти станува збор.

-Двата капитални проекти „Реконструкција на локалниот пат Умлена – Робово“ и „Водоводен цефковод во туристичката населба Равна Река – Пехчево“, што ги потпишавме со финансиска поддршка на Владата, се од исклучително значење за идниот развој на Пехчево. Со нив ќе се подобри локалната инфраструктура, ќе се создадат подобри услови за економски развој, како и поквалитетни услуги за граѓаните. Реализацијата на овие проекти значи нови можности за младите, поголема безбедност и удобност за сите жители, но и стимул за нови инвестиции во развојот на туризмот и останување на младите во својот град. Верувам дека ефектите ќе бидат видливи многу брзо и дека граѓаните директно ќе го почувствуваат бенефитот, рече градоначалникот на Пехчево и кандидат за уште еден мандат.

Како градоначалник на Општина Пехчево, Китански потпиша и Договор со Министероството за животна средина и просторно планирање за реализирање на проект преку Програмата за инвстирање во животната средина за 2025 година. Целта е да се реши долгогодишниот проблем со водата за пиење.

-Ние како општина потпишавме Договор со Министерството за животна средина и просторно планирање за реализирање на проектот „Изработка на основен проект со ревизија за реконструкција на постоечка селска водоводна мрежа и постоечка каптажа ( Захват за вода ) од влез на резервоар до постоечка каптажа во село Црник“ , преку Програмата за инвестирање во животната средина за 2025 година. Проектот е од големо значење за решавање на долгогодишниот проблем со водата за пиење во село Црник. Тоа е еден од најголемите проблеми со кои се соочува населението во село Црник, а ние како општина сме тука да изнајдеме решение за истиот. Веќе е реализиран проект со кој е пуштена во употреба втората комора од резервоарот за вода за пиење и е поставен хлоринатор, па со реализација на овој проект за кој потребно е прво да се направи техничка документација ќе се изнајде решение за проблемот со кој се соочува населението, истакна тој во интервју за КУРИР.

Во новата изборна програма градоначалникот внесува идеи и предлози што произлегуваат директно од разговорите со граѓаните.

-Најголем дел од нив се однесуваат на подобрување на локалната инфраструктура, отворање нови работни места преку поддршка на стопанството, унапредување на условите за младите и семејствата, како и инвестирање во туризмот и заштитата на животната средина. За мене многу важно програмата да не биде само хартија, туку реален план кој ги одразува вистинските потреби на луѓето. Затоа и секој предлог што сме го добиле од граѓаните е внимателно разгледан и вграден во програмата, рече Китански.

Пехчево има огромен потенцијал да стане препознатлива туристичка дестинација во источна Македонија, вели градоначалникот и додава дека општината ќе привлече сè повеќе домашни и странски гости.

-Нашата визија е да го искористиме богатството на природата – шумите, реките, и чистиот воздух – и да ги претвориме во организирани туристички содржини. Со вложувања во планински и еко-туризам, развој на сместувачки капацитети, промоција на традицијата, културата и гастрономијата, верувам дека Пехчево ќе привлече сè повеќе домашни и странски гости. Целта ни е, туризмот да стане двигател на локалната економија и дополнителен мотив младите да останат и работат овде. Конкретно овде ни се Едукативниот центар за зачувување на природата, село Негрево – Пехчево, Барскиот еко систем – Езерце, Спортско рекреативниот центар Равна Река – Пехчево, археолошкиот локалитет Света Петка, областа Равен и уште многу други туристички места и атракции со кои располага Општина Пехчево и во кои ќе продолжиме да вложуваме, се со цел уште повеќе да го развиеме туризмот во нашиот крај, истакна градоначалникот во интервју за КУРИР.

Во изборната трка влегува со јасна визија – Пехчево да стане општина на одржлив развој, нови инвестиции и подобар квалитет на живот за сите граѓани.

-Во наредниот мандат мојот приоритет ќе биде продолжување на модернизацијата на општината со транспарентно и ефикасно управување според европските стандарди. Како млад и динамичен менаџер, ќе ја водам општината со јасна визија – Пехчево да стане општина на одржлив развој, нови инвестиции и подобар квалитет на живот за сите граѓани. Планирам да се фокусирам на развој на локалната економија, преку поддршка на сточарството, земјоделието, туризмот и малите бизниси, како и на унапредување на инфраструктурата и дигитализација на услугите. Истовремено, ќе вложуваме во енергетска ефикасност, чиста животна средина и поголемо учество на младите во креирањето на политики. Верувам дека со отворен дијалог со граѓаните и со партнерство со институции и европски фондови, ќе успееме да ја водиме општината кон европска иднина со која сите ќе се гордееме, заклучи Китански.

To top