Училниците во училиштата се полупразни, а занималните во градинките се со споени групи поради големиот број на болни дечиња овој период.
Владеат вируси и грипови со високи температури и кашлици, а кај родителите се јавува сомнеж при проценката да не станува збор за коронавирус.
Институтот за јавно здравје постојано прави статистики и анализи, а во последниот извештај се наведува дека минатата недела (27.01-02.02.2025) се тестирани вкупно 325 лица во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2.
Во тој период регистрирани се 6 нови позитивни случаи. Пет од нив се од Скопје, а едно од Охрид.
Во текот на минатата недела, регистрирано е едно оздравено лице, а за среќа починати лица нема.
Од почетокот на годинава 20 заболени
Во текот на 2025 година, а заклучно со 02.02.2025, регистрирани се вкупно 20 заболени лица. Бројот на заболени лица во месец јануари 2025 година е за 3,3 пати поголем во однос на месец декември 2024. Во текот на 2025 година, а заклучно со 02.02.2025, тестирани се вкупно 1.374 материјали, во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање за присуство на SARS-CoV-2 и во лабораториите/здравствените установи во кои се спроведува брз антигенски тест.
Проценка на ризик
Процентот на позитивност е сè уште низок, но сепак поголем од мината недела, за 1,2%. Ниската стапка на трансмисија на SARS-CoV-2, намаленото известување и малиот број на примероци за тестирање преку сентинел системите имаат влијание врз способноста за прецизно да се процени епидемиолошката ситуација. Популацијата на ЕУ/ЕЕА севкупно има значително ниво на имунитет стекнат по пат на претходна инфекција плус вакцинација/бустер дози, што дава заштита од тешка форма на болест.
Лицата на возраст над 60 години се со најголем ризик од тешка болест. Хоспитализациите на лица со потврден КОВИД-19, приемите во интензивна нега и смртните случаи остануваат на ниско ниво во земјите на ЕУ/ЕЕА.
Овие податоци во Македонија не се достапни.
Иако бројот на заболени од КОВИД-19 на неделно ниво е мал, со оглед на тоа дека во тек е периодот на зголемена циркулација на респираторни вируси во северната хемисфера, постои ризик активноста на SARS-CoV-2 да се зголеми, што ја нагласува континуираната потреба од надзор (епидемиолошки и вирусолошки) на национално и регионално ниво.
Препорачани мерки за превенција и контрола
Се препорачува следење на основните мерки за превенција на КОВИД-19 и останати респираторни заразни заболувања. Вакцинацијата останува специфична превентивна мерка обезбедувајќи заштита од тешки форми на болест, иако овој заштитен ефект со тек на време се намалува.
Продолжува препораката за вакцинацијата на лицата со висок ризик од тешки форми на болест и лош исход (како што се повозрасните лица).