Јорданов при посетата на Симеон и Ристо Наскови истакна дека е благодарен што двајцата браќа и во новата година ги примија претставниците на општината и медиумите, со желба за многу здравје и среќа.
-Прекрасно е чувството кога ќе се поразговара со семејствата на нашите највозрасни жители, а кои ни прераскажуваат за најстарите и највозрасните штипјани кои поминале многу предизвици, вели Јорданов.
Ристо Насков во февруари ќе наполни 101 година, се уште се движи низ дворот и градината, но со помош на бастун. Неговиот син Димче Насков вели дека дедо Ристо и оваа година крои планови да копа и произведува домати и пипер во градината.
-Новата година ја поминавме заедно со татко ми во домашна атмосфера, со сарма, со винце. Татко ми со нас седи до еден часот, вели Димче.
Неговиот постар брат Симеон не е активен, откако пред две години паднал додека копал во градината. Грижата за него ја има неговиот 72-годишен син Крум Насков, кој секојдневно го посетува, му носи храна и се грижи за него.
-Татко ми може да стане и да си земе од масата јадење и повторно да седне на креветот, меѓутоа нозете не го држат и повеќе е во лежечка состојба. Татко ми веќе не работи, вели Насков.
Овие двајца браќа сведоци биле на војни, но и на убавите работи кои се случвале во државата и во нивните семејства. Горди се на своите наследници, веќе имаат и пра-пра внуци.
Градоначалникот на Општина Штип Иван Јорданов денеска ја посети и првата приватна гинеколошка болница во Штип, каде во новата година се роди живо и здраво женско бебе.