-Особено очигледен е растот на бројот на пријави и предмети за дела од Глава 26 од КЗ – Кривични дела против безбедноста на јавниот сообраќај, вклучувајќи и Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 од КЗ, но и полесните дела од областа на сообраќајот. Раст се забележува и во бројот на примени пријави (за дури 40%), но и во бројот на поднесени обвиненија. Ова укажува на неопходноста од јакнење на казнената политика и другите мерки во насока на превенција на овој тип кривични дела“, соопшти Јавното обвинителство во годишниот извештај.
„Јавното обвинителство изготви и посебен извештај за примената на посебните истражни мерки, согласно кој забележително е дека бројот на случаи во кои се применувале посебни истражни мерки во текот на 2024 година има значителен тренд на намалување во однос на 2023 година (35 случаи во однос на ланските 87 случаи), меѓутоа податоците за опфатот на лица и предмети покажуваат дека овој вид мерки и натаму се користат како исклучително важно средство за обезбедување докази. Во текот на извештајната година, под опфат на посебни истражни мерки биле вкупно 363 лица со утврден идентитет, 8 лица со неутврден идентитет и 163 предмети на кривично дело. Вкрстувањето на податоците според бројот на случаи и бројот на опфатени лица и предмети недвосмислено укажува дека во извештајната 2024 година бил заземен посложен пристап за примена на посебните истражни мерки, со комбинирање на повеќе видови мерки во еден предмет и со опфат на повеќе лица и предмети со цел поефикасно обезбедување на доказите“, се вели во соопштението.
Согласно член 55 од Законот за јавното обвинителство, се додава, државниот јавен обвинител го поднесе извештајот до Собранието, до Советот на јавните обвинители, а за запознавање е доставен и до Владата, Врховниот суд и до Министерството за правда.